ДИК бара начин да се справи со 40 илјади спорни гласачи

by fokus

Државната изборна комисија ќе го менува методот за прочистување на Избирачкиот список.

Комисијата треба да одлучи како да се справи со 40 илјади спорни записи. Од нив, најголем број, околу 18 илјади, се лица кои добиле биометриски документ, но не поднеле апликација во МВР, а останатите ги нема во ниту една друга база на податоци освен во МВР.

Најверојатно овие имиња ќе бидат објавени на страницата на ДИК, а лицата сами ќе треба да се пријават и да ги корегираат спорните податоци, а доколку тоа не го сторат ќе бидат избришани од Избирачкиот список.

Освен тоа, ДИК треба да го реши проблемот и со 172 илјади граѓани кои повеќе од три месеци не живеат во земјава. Голем дел од нив при теренските проверки не се најдени дома а роднините посочиле дека се во странство.

Комисијата деновиве ќе им ги достави предлозите за причистување на Избирачкиот список до четирите политички партии, кои потоа заедно со меѓународните набљудувачи, повторно ќе дојдат во ДИК на средба на специјалната работна група за Избирачки список.

Новото прочешлување на Избирачкиот список доаѓа по упорното инсистирање на СДСМ, која не ги призна последните бројки и бараше дополнителни проверки. Сепак, и покрај реакциите, шест од девет члена на ДИК го усвоија спорниот извештај.

Поврзани новости