Дијаспората ќе протестира во одбрана на името: Без Македонија сите ќе исчезнеме!

by fokus

Македонските заедници во светот по повод годишнината од движењето “За заедничка Македонија“, на 27 февруари 2018 година организираат Семакедонски протест за одбрана, како што велат, на името на државата и идентитетот на нацијата!

Од Светскиот македонски конгрес велат дека протестот ќе започне во 18 часот пред Мисијата на Европската Унија, оттаму протестниот марш ќе се движи по булевар “Свети Климент Охридски“ и булевар “Димитрие Чуповски“ до Собранието на Република Македонија.

„Македонците во светот бараат: (1) безусловен крај на разговорите за името Македонија со Владата во Атина и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија; (2) повлекување на Законот за употреба на јазиците; (3) повлекување на Договорот Заев-Борисов; и (4) итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година. Доколку Владата не ги прифати барањата, Македонците во светот бараат самораспуштање на Собранието и одржување вонредни парламентарни избори со обезбедување услови за остварување на избирачкото право во седмата изборна единица, без обврска за упис на избирачкото право на секои парламентарни и претседателски избори“, велат од Светски македонски конгрес.

Од тами додаваат дека отфрлаат референдум, ратификација на меѓународен договор и промена на Уставот со цел промена на името на државата и идентитетот на нацијата.

„Светскиот Македонски Конгрес ги повикува политичките партии во Републиката, масовно да се приклучат во поддршката и со присуство на свои членови и симпатизери на Семакедонскиот протест на 27 февруари 2018 година! Со сите разлики меѓу нас Македонците, само Македонија е нашиот заеднички именител, само Македонија е нашиот заеднички содржател! Со Македонија не’ има, без Македонија сите ќе исчезнеме!“, додаваат од таму.

На протестот веќе му дале поддршка: Движењето “СУМ“ Сите за унитарна Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Сојузот на Македонците со исламска религија, Македонски манифест, здруженијата на бранителите и македонските патриотски здруженија.

 

 

Поврзани новости