Џонсон најавува нови рестрикции против Ковид-19 во Британија

by fokus

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави денеска дека „веројатно ќе ги заостри“ ограничувачките мерки со цел да се сузбие зајакнувањето на инфекцијата со коронавирус, но и покрај тоа, ги повика родителите утре да ги испратат своите деца во училиштата, оценувајќи дека „нема сомнеж“ дека училиштата се безбедни.

Вчера беа пријавени 57.725 нови случаи на зараза во Велика Британија, што е новиот дневен максимум, а Владата е под притисок на образовниот синдикат да ги задржи затворени сите училишта во Англија и да премине на часови преку интернет.

Сепак, Владата донесе одлука сите училишта во Лондон да бидат затворени.

Џонсон за Би-Би-Си изјави дека ќе бидат потребни поостри мерки во некои делови од државата во следните недели и дека училиштата ќе бидат затворени, „иако ние не го сакаме тоа“.

Тој рече дека неговата влада прави „се што е потребно за уништување на вирусот“, но предупреди дека претстои тежок период. Џонсон додаде дека масовната вакцинација е излез и дека се надева дека „десетици милиони“ граѓани ќе бидат вакцинирани во следните три месеци.

Велика Британија се бори со огромно зголемување на бројот на нови случаи, што е последица и на новиот вид на коронавирус, за кој официјалните лица велат дека се пренесува 70 проценти побрзо од претходниот.

Поврзани новости