Џолев: Нема да дозволам политички притисок врз судиите!

by fokus

Новоизбраниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, денеска давајќи ја свечената заклетва во Судскиот совет истакна дека нема да дозволи политички притисок врз судиите, а од нив ќе бара да работат согласност законите.

-Најпрвин сакам да кажам дека изборот за претседател на Кривичниот суд конечно се случи и со тоа нема повеќе да постои алиби доколку состојбите не се подобрат. Заедно со судиите и останатите вработени ќе работиме заедно за да се врати угледот на судот, истакна претседателот Џолев.

На новинарското прашање дали ќе изработи нов годишен распоред, по неколкуте скандалозни кои ги направија неговите претходници, тој истакна дека најпрвин ќе направи анализа, ќе разговара со сите судии заеднички, но и поединечно, и дури потоа ќе го направи распоредот.

-Ќе има прегрупирање и се надевам дека нема да има незадоволни судии. Итни прераспоредувања нема да има, освен по исклучок доколку се појави некоја итна интервенција, рече Џолев.

Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски пак приликата ја искористи за да ја нападне новата влада. Тој по потпишувањето на заклетвата на новиот претседател истакна дека владата со новиот буџет не предвидела дополнителни средства за да се зголеми надоместокот на судиите поротници.

-Ќе кажам еден гочлив проблем, односно во буџетот не се предвидени средства за зголемување на надоместокот на судиите поротници, со што наскоро би можело да се очекува и блокада на судењата, поради нивното незадоволство, истакна Караџовски.

Тој се спротивстави на новинарските прашања во кои беа споменати подобни и неподобни судии, но и сваровски судството, па истакна дека ова прашање веќе било апсолвирано, а како што рече подобни или неподобни можеме да бидеме по дома, а не во судот.

На свечената заклетва не присуствуваа сите членови на Судскиот совет, а Караџовски појасни дека нивното присуство не било задолжително.

В.В. 

Поврзани новости