ОТВОРАМ ДЕБАТА ЗА ГОЛЕМАТА СЛИКА!

by fokus

За една власт да отвори дебата, прво треба да има јасна идеја и да има слух за потребите на граѓаните

Пишува: Ида ПРОТУЃЕР ВЕЉКОВИЌ

Има два системски проблема кои според мене се огромна сопка земјата да оди напред.

Првиот е недостиг на големата слика, визија за државата каде се гледа во некоја иднина за пет или десет години во сите важни сегменти. Наспроти тоа има мноштво „микро – визии“ за кои нема јасна претстава околу чесноста во мотивите. Бидејќи нема визија, нема ни аргументи со кои таа ќе се поддржи и ќе се комуницира.

Вториот огромен камен на сопнување е што не постои систем на вистинска граѓанска инклузивност. Односно постои на хартија, а не во пракса.

Кога бев последен пат како новинар на дебата во Македонија, беше тоа со премиерот Заев и спомнав пример кој тогаш мислам беше прифатен како банален, а сакав да илустрирам клучен проблем во земјата.

ПРИМЕРОТ СО УНИВЕРЗАЛНА САЛА

Примерот беше дека кога и да дојдам во Скопје на булевар Партизански одреди, коли јурат на црвено и безбедноста на граѓаните е загрозена бидејќи не можат на свое зелено да поминат. Државата која треба да ја обезбеди безбедноста, очигледно потфрла. А кога треба граѓанин да се казни затоа што на пример во автобус не купил билет, државата е консеквентна и тој плаќа казна.

Граѓанинот се чувствува беспомошен затоа што државата нема милост кон неговите обврски, а обврските на државата кон граѓанининот секогаш се „на почек“.

Државата со право ги активира сите механизми да се полни буџетот бидејќи квалитетен живот и институции не може да се обезбедат без пари. Но од друга страна, граѓанинот постојано и без исклучок е сведок на расипничко трошење на државните институции, односно луѓето кои раководат со нив, а квалитетот на услугите кон граѓаниниот останува ист или полош.

За една власт да отвори дебата, прво треба да има јасна идеја и да има слух за потребите на граѓаните. Само преку два примера во последно време можам да илустрирам недостиг од двете.

Прв е примерот со Универзална сала. Пред изборите таа беше симбол на она граѓанство кое се противеше на антиквизацијата и барокизирање на Скопје и партијата која тогаш беше во опозиција, а ја поддржуваше шарената револуција, со тоа се согласуваше. Дури ја искористи во кампања со „наслов„ како ние ќе направиме поинаку.

ЗАЕДНИЧКА, А НЕ ЛИЧНА КОРИСТ

Потоа кога таа партија станува власт, преку ноќ објавува дека тој симбол ќе го урива. Јас не сум во тие што плачат по се што е старо и прилагодувањето со потребите на новото време мислам дека е сосема корисно. Имам спомени врзани со мојот прв мобилен телефон, ама користам десет генерации понов.

Но, во целата таа постапка недостасуваше една здрава визија и една чесна комуникација со граѓаните. Градоначалникот, ако имал јасна визија зашто парк на местото на Универзална, можел да ја сподели прво со стручни лица, а потоа да отвори дебата со граѓаните, со веќе спремни и издржани аргументи каде граѓаните во таа визија ќе препознаат заедничка корист, а не нечија лична.

Не верувам дека скопјани за инает ќе одат против сопствениот интерес ако тоа се искомуницирало со нив и се уверат во стручното објаснување и ако се вклучени во изнаоѓање решение за тој дел од нивниот град. Значи ниту имаше јасна визија, ниту таа се искомуницира со граѓаните, ниту пак беше обезбедена нивната инклузивност. Системски и институционално. Наместо тоа, имаше препукување на релација градска власт и граѓани преку медиумите и социјалните мрежи.

Слика втора. Се објавуваат субвенции за вработувања на граѓани од немнозинската заедница. Личи на некаков пробен балон, преку медиумите, да се види како на тоа ќе реагираат граѓаните. Ниту се споделува визија, ниту издржана анализа дали имало до сега дискриминација, како таа се ефектуирала, кои би биле сега очекувани резултати од евентуалната таква реформа. Нема обид за инклузивност на граѓаните.

НУДАМ БЕСПЛАТЕН ТРЕНИНГ

На пример еден начин е преку тркалезна маса каде експерти, политичари и невладин сектор ќе ги артикулираат и сумираат потребите на граѓаните од сите етнички заедници, кои потоа ќе бидат основа за издржани решенија кои би обезбедиле поголема инклузивност и достоинствен живот на сите граѓани. Така граѓаните ќе бидат комуницирани и и уверени во чесните намери за заедничко добро.

Слика бонус. Отвора премиерот дебата за неколку прашања, а јавноста останува во недоумица колкава е нивната важност за „големата економска слика“. Не е јасно ниту кој е мотивот. Бидејќи ако парите во угостителството се вртеле „на црно“, дебатата треба да се води на владина седница. Каде затаиле механизмите за контрола?

Ако е мотивот економски, тогаш каде се аргументите за очекуваниот ефект? Оти ако премиерот така отвара ноншалатно дебата за повеќе теми и чека решение, без веќе да ја има визијата, аргументите и очекуваните резултати, тогаш не ја разбира сопствената функција.

За да не ме доживее некој дека „делам памет“ од Виена, подготвена сум да помогнам со моето образование и искуство стекнато овде (сертифициран тренер за личен развој и системски бизнис/организациски коучинг) за подобрување на перформансите на организациите во делот на дефинирање на цели, планирање и комуникација, како внатре во организациите, така и со корисниците на услуги. Нудам тримесечен бесплатен тренинг за три државни институции чии лидери ќе го побараат тоа од мене.

Поврзани новости