Џими ќе го носи Евросонг во Штип!

by fokus

Симон Поликарп – Џими, кој е кандидат за градоначалник на Штип од Интегра, ветува дека ќе изгради спектакуларна концертна сала во градот, со надеж дека еден ден во неа ќе се одржи Евровизија.

-Фестивалот на забавни мелодии Макфест кој традиционално се одржува во Штип заслужува нова концертна сала. Предвидуваме дека овој фестивал ќе прерасне во светска музичка атракција, а да се надеваме дека еден ден во оваа сала ќе се одржи Евровизија. Со ултра модерен дизајн, ентериер, капацитет до 3.000 седишта – порачува Џими.

Покрај тоа, во својата програма тој ветува изградба на универзитетски град, модерен студентски дом со врвен спортско – рекреативен центар, олимписки базен, затворен пазар, катна гаража и друго.

-Се обидуваме да го направиме Макфест на меѓународно ниво, но нема услови за тоа. Кога би имале нова концертна сала, со ултра модерен дизајн, тоа би било возможно. Ние гледаме футуристички, во склад со времето во кое живееме – вели Поликарп.

Ова е прв пат во историјата на Македонија нигериец да се кандидира за градоначалник. Инаку, Џими има македонско државјанство и живее во земјава од 1981 година. Првин живеел во Пробиштип и учел геологија, а потоа со сопругата и синовите се преселил во Штип.

Вики Клинчарова

Поврзани новости