Џенова рилоуд

by Фокус 18:22
18:22

„Симфонија на градот“ е анимираниот филм на Емануеле Луцати, кој тешко може да ве остави рамнодушни поради страста и поради емотивноста со која тој го прикажува својот град. Филмот е ремек-дело, кое зборува за Џенова, за овој бурен и славен град. Тој е емотивна сликовница, која се доживува повеќекратно, како во анимацијата каде што композициски се преклопуваат повеќе цртежи кои паралелно се движат и го прикажуваат постоењето на сите тие градови што коегзистираат на еден ист простор.

Во Џенова, всушност, се вградени средновековниот, ренесансниот, барокниот, неокласичниот и современиот град. Џенова е стуткана меѓу Лигурско Море и околните Апенини и се простира долж ракавот што се создава меѓу овие две природни меѓи. Се движи од предградието Нерви на исток,  па сѐ до областа Везима на запад по должина од 42 км. Типичен медитерански и линеарен град што се развива константно низ својата историја.

- Advertising -

Овој град со типичен колоритен раскош, постојано се доживува созревајќи низ годините. Модерно е расчленет и згуснат, полн со лузни од сообраќајни конекции, кои спонтано висат или подземно проаѓаат низ него. Овие бетонски инфраструктури вградени во неговиот целокупен изглед и раскош, ги раздвижуваат визурите и го шират погледот кон неа. Го приспособуваат да живее во денешницата и го оддалечуваат од неговата стара слава.

f

Градот е туристички најпримамлив во неговиот потесен центар, кој изобилува со историја на познатата Џеновска република.Тесни улички, високи градби со (5-6 ката од тоа време е вистинско чудо), влага која ги нагризува фасадите, ренесансен и барокен декор, мирис од морето помешан со лигурската кујна од околните ресторани. Лежерна раздвиженост и чувство на спокој се присутни насекаде, можеби и затоа туристите уживаат и ги преплавуваат нејзините улички.

Чувството да биде уште поголемо се надополнува со мелодијата од познатиот кантавтор Де Андре. Креуца дел Мар, песна опеана на старолигурски јазик, која нѐ внесува во тој амбиент. Ова централно јадро ја доживува својата кулминација по морскиот периметар каде што излегува на отвореното море. Крајбрежното шеталиште е позната инфраструктура преку која се регенерира стариот град, проектирана од познатиот локален и светски архитект Ренцо Пиано за време на Експото во 1992 година, по повод 100 години од откривањето на Америка.

Препознатливи се неговите специфични архитектонски силуети, кои го карактеризираат пристаништето и со своите паркирани Јахти и сообраќај од Крусери го помешуваат хоризонтот со заднината на градот. Платформата е збогатена и со јавни сплавови (простории на отворено) каде што се ужива во околниот урбан медитерански театар.

a

Сепак, Џенова не е само овој возвишен туризам. Таа е и реален град, кој се соочува со современи проблеми. Претставува едноод поголемите европски пристаништа, по Марсеј, со голема размена и превоз на материјали, тешка индустрија, танкери и големи бродоградилишта. Бродските контејнери се распространети насекаде по морските рабови на нејзините предградија и го надополнуваат приморскиот градски пејзаж. Тука се и деловите од градот кои делумно се деградирани, разиграни од хаосот на африканските и латиноамериканските емигранти, кои му даваат дополнителна културолошка тежина.

Во 1960-тите години, време на економскиот бум, градот е во градежна експанзија и најмногу се индустријализира. Во тој целокупен градежен конгломерат кој излегува од контрола, се случуваат и по некои од похрабрите архитектонски зафати, кои од  денешна временска дистанца претставуваат огромен подвиг.

b

Позначајни се делата на архитектот Луиџи Карло Данери со резиденцијалниот социјален комплекс Квеци, кој се издига на висината на предградието Мараси и штрчи со својата масивна структура. (Ваков пристап до тогаш е присутен само во теориите на Корбузиер преку примерот на планот  Обус за Алгери) .

Тука е и населбата Сан Пиетро, (наречена перална), која во тоа време, иако храбро изградена, денес претставува синоним за урбана деградација и импакт врз амбиентот и тамошната значајна природа. По овој период на забревтан развој, градот нагло губи една третина од своите жители, каде што врз територијата остава парадокс. Приближно 10 отсто од постоечките градби остануваат празни, а целокупната површина на градот и понатаму е презаситена од згради кои се протегаат и до врвот на планината и височините.

Оваа демографска криза се поклопува и со економската криза која владее во последниве години низ Европа. Населението сѐ повеќе старее, особено во Италија, каде што средната старосна граница е 43,5 години, а во Џенова дури 47,2 години. Тенденцијата покажува дека до 2050 година, старосната граница на градот ќе достигне 49,7 години. Ваквата статистичка индикација ја става во преден план иднината на овој славен град, кој и во овие критични години ќе мора да го изнајде начинот за своето постоење.

c

Затоа повеќе млади групи работат и дебатираат за правецот по кој сакаат да се развива нивниот град. Еден од позначајните правци е и манифестот на неколкуте повлијателни архитекти кои го застапуваат концептот на Џенова – 1 %. Овој проект претендира  да направи пресврт во режимот со недвижнини, кој и во овие услови на криза сѐ уште се движи по инерција. Тие  предлагаат демолирање на празните и напуштени згради, со што би се ревитализирал просторот и би се создале поголеми празнини, кои би ги решиле поегзистенцијалните проблеми на паркирање, зелени зони и на поголем јавен простор.

Делови од  Џенова се развиваат  и спонтано и неплански, благодарение на латиноамериканската емиграција чии маси жилаво се справуваат со кризата и преку нивниот традиционален  начин на живеење успеваат да станат протагонисти. Типичен пример за тоа е населбата Санпиердарена, која е населена со нив, каде што запуштеното урбаното ткиво се регенерира, се намалуваат цените на градежниот квадрат, се прилагодуваат условите на живеење на целокупниот кварт, а насекаде е присутен детски џагор. Преку нивното дејствување се зголемува социјалното триење и ова предградие го прави поперспективно.

Ова триење сигурно ја прави Џенова поинтересна, ја надополнува, станува разнолика, отворена и космополитска. Во Џенова, следните години ќе бидат клучни за одржувањето на нејзиниот медитеранскиот континуитет  и можеби оваа неизвесност ќе биде од нејзина корист.

g

Сина плажа за џабе!

При излезот од Џенова, на запад, во предградието Волтри, каде што сѐ уште се наѕираат градските бетонски структури, се наоѓа еден многу интересен и импровизиран простор. Овдешната плажа сѐ уште може слободно да се користи. (Тоа генерално не е случај со италијанското морско добро, кое државата го дава под закуп). На дел од плажата Еразмо, локалните жители спонтано организирани го создаваат синиот камп. Нафрлени бараки, контејнери и разни други импровизации го фокусираат овој дел од предградието.

Карактеристично за сиве овие елементи е дека се бојадисани во сина боја и заедно со околните чамци во сина тематика го прават овој пејзаж оригинален и аномален. Во летните периоди е доста живо бидејќи овие инстантни прибиралишта се користени за заштита од летните горештини и за уживање во слободното време. Ова е можеби еден од најпитомите ад хок феномени, кои даваат впечаток на добро смислен маалски урбан лендмарк.

Александар ПЕТРОВ, архитект

(Илустрациите се преземени од анимираниот филм „„Симфонија на градот“)

Поврзани новости