Нашата фудбалска гордост, Горан Пандев, или како што многумина го викаме, бате Горан, го испратив на Европско првенство со песната „Ѓурѓовден”, му ја свирев на камера. Не е прв пат такво нешто да се случува, многу пати со него се слушаме и се случува дури и по еден час да им свирам на нашите фудбалери, онлајн, бидејќи многу сум горд на нив, а и тие уживаат во добра музика. Вклучи камера и земи ја трубата, ќе ми рече, а јас не чекам два пати да ми повтори – за „Фокус” раскажува Џамбо Агушев, струмичанецот кој е познат ширум светот по својата труба.
Тој заедно со неговиот оркестар е чест музички гостин на забавите на неговиот сограѓанин и пријател, Горан Пандев. Му свирел на раѓањето на ќерката, на свадбата на брат му Сашко, а бил главен забавувач на прославите кои се случувале по успесите на фудбалерите.
-Јас сум моментално во Германија, но во контакт сум со Горан, им ја давам мојата поддршка со цело срце на нашите фудбалери. Тие се веќе наши херои, без оглед на резултатот кој ќе го остварат денес. Ги чекам со трубата на враќање, ќе им направам голема музичка забава, ни ја направија нацијата горда. Доволно е и тоа што нашето знаме се вееше на првенството, го имаме најдобриот капитен, и ми ласка што никогаш не ме заборава и ужива со звуците на мојата труба-вели музичарот.
Неговото пријателство со Пандев траело со години наназад, и вели дека омилениот репертоар на фудбалерот му е како добро научена лектира.
-Се знае, без песната „Кажи ми Наде вистината” не може да помине ниту една забава, во чест на неговата сопруга Надица ја свириме песната и по неколку пати. „Едно име имаме” исто така ни е редовна на дружбите, но Пандев има подолга листа на песни кои му лежат на душа. Сите, баш така, од срце му ги свирам – вели Џамбо.
Лани во ноември тој направи вистински музички спектакл за нашата репрезентација, во хотел во Скопје, по победата над Грузија. Тогаш видео снимки од настанот се споделуваа на социјалните мрежи, на кои се гледаше како капитенот на нашата репрезентација Горан Пандев, селекторот на МФР Игор Ангеловски и останатите фудбалери, со знамето на Македонија и звуците на оркестарот славеа за големиот спортски успех. Ден пред тоа пак, Џамбо му свиреше на Сашко, братот на Горан Пандев, во струмички локал.
-Што и да се случи во Холандија, на денешниот натпревар, сакам јавно да им порачам на фудбалерите дека тие се веќе наши херои кои испишаа историски успех и ни овозможија да уживаме во добра игра. Ако треба, цела ноќ ќе им свирам по враќањето во Македонија, ни го израдуваа народот и благодарение на нив, нашето знаме се развеа – порача Агушев.
Вики Клинчарова