Џамбо Агушев открива детали за дружбите со Пандев!

by Фокус

Струмичанецот кого го нарекуваат крал на трубата и има светска кариера, Џамбо Агушев, вчера со својот оркестар го забавуваше братот на Горан Пандев, Сашко, по победата над Грузија во струмички локал, додека пак денес тој направи музички спектакл за нашата фудбалска репрезентација во хотелот ,,Плаза” во Скопје.

Видео снимки од веселбата се објавуваат на социјалните мрежи, и доловуваат дел од атмосферата. Капитенот на нашата репрезентација Горан Пандев, селекторот на МФР Игор Ангеловски и останатите фудбалери, со знамето на Македонија и звуците на оркестарот славеа за големиот спортски успех.

За ,,Фокус” Џамбо појаснува дека со својот сограѓанин Пандев се знаат долги години и се многу блиски. Вели дека секогаш кога Пандев доаѓа во Струмица заедно го пијат кафето, а свирел и на раѓањето на неговата ќерка, како и на свадбата на неговиот брат.

-Горан го чувствувам за посебно близок, сите од репрезентацијата се цареви! Тој ми го подари својот дрес со зборовите -Од мене за кралот на трубата победничкиот дрес, за победникот на трубата во светот. Атмосферата беше прекрасна, вчера до раните утрински часови славевме со Сашко, денес славевме со Горан и останатите фудбалери. Се пееа многу песни, имаше и бакшиши, но искрено, тоа и не ни беше важно, свиревме од срце за нашите лавови, свиревме на нашата Македонија, за историскиот момент и поради тоа што овие момци сите не направија радосни – раскажува Агушев.

Тој додава дека на секоја средба со Пандев, тој многу сакал да го слуша како свири на трубата. Вели дека не поминала заедничка дружба, а Горан да не му ја побара омилената песна.

-Ќе ви откријам нешто за Горан, секогаш кога ќе се сретнеме, без разлика која е причината за забавата, тој има само една желба. Редовно бара да му ја отсвирам песната ,,Кажи ми Наде вистината” бидејќи неговата сопруга се вика Наде. И секогаш со нас ја пее, со многу емоции. И денес ја имаше истата музичка желба, ја порача и песната ,,Едно име имаме”. Овие две песни ги пеевме и по неколку пати, сите беа понесени од атмосферата и заслужија да се радуваат – вели музичарот.

Околу тоа што за време на славењето на снимките можат да се забележат повеќе луѓе, без заштитни маски, тврди дека поради поводот за забавата, не мислел на вирусот.

-Тоа е денот на историјата, ништо не може да не исплаши, ни корона вирусот може да не запре – изјави Агушев.

Тој е популарен во целиот свет и често гостува во странство, а неговите настапи се едни од највеселите и најпосетените. Има освоено голем број на награди и признанија, а од светските музички експерти редовно добива комплименти за својата работа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости