Џамбазов за интернет измамата: Луѓето тоа го прават од очај, сиромаштијата е најстрашната болест!

by Fokus

Името на македонскиот шоумен Игор Џамбазов повторно се злоупотреби за барање за донации преку негов лажен профил на Фејсбук.

Ова не е првпат Џамбазов да се најде во ваква ситуација, а тој во разговор за „Фокус“ раскажа дека минатата година имал дури и закани по животот.

„Интернет-криминалците веројатно нема да ги пронајдете, затоа што ни на полицијата не и успева тоа. Моите случаи и оној од пред неколку години и овој сега се уредно пријавени, но резултати нема. Јас минатата година дури имав и закани по живот од еден профил на Инстаграм. Веднаш пријавив во одделението за интернет-криминал во МВР, беа многу љубезни, го пополнив формуларот, им ги дадов скриншотовите…и толку. На крајот инспекторот ми кажа да не се надевам многу, затоа што нашата влада се уште нема каков било договор со Фејсбук, па така нема шанси да стигне до IP адресите на интернет-криминалците. Јас си спроведов моја истрага и веднаш го пронајдов човекот, кој нормално се колнеше дека тоа не е тој, дека некој му го злоупотребил профилот, ставил негови фотографии и бара пари од луѓе користејќи го неговото име и лик, исто како што ми направи и мене. Прво ми бараше пари божем за операција, а после само неколку минути, откако не му одговорив на првата порака, почна со гнасни навреди, за на крајот тоа да стане чиста уцена. Ако не дадеш пари, мртов си…и еве колку сум мртов“, ни истакна Џабазов.

Тој упати порака и до надлежните, да најдат време и волја и да стават крај на проблемите на социјалните мрежи.

„Ако ме прашувате мене, луѓето што го прават ова го прават од очај. Тоа се луѓе за кои навистина целта ги оправдува средствата, па така не бираат начин да дојдат до пари. Тоа се интелигентни луѓе, со одлично познавање на компјутерските вештини, кои знаат да направат приказна, а некои наивни, добронамерни луѓе наседнуваат на сето тоа.
На крајот на краиштата, можеби навистина постои некое болно момче за кое се бараат донации. Но, тогаш тоа не се прави така. Требаше само да ми напишат порака, а јас како и многу пати во животот ќе ги искористев потенцијалите на моите профили на Фејсбук и Инстаграм, и секако ќе им помогнев. И на крајот, ги повикувам сите надлежни институции, (иако сум сигурен дека во време на предизборие ова за нив не значи апсолутно ништо), да најдат малку време и волја и да им стават крај на овие приказни. Оти и понатаму ќе постојат луѓе во неволја кои ќе бараат пари за луѓе во неволја кои фактички не постојат. Сиромаштијата е најстрашната болест“, додаде Џамбазов.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости