Џафери: Треба да го донесеме светот тука, а не младите да ни заминуваат!

by Fokus

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска се обрати на работната средба за пратеници „Вовед во улога и функција на Клубот за младински прашања и политики“, на која треба да се основа новиот Клуб за младински прашања и политики на овој парламентарен состав.

Овој настан, рече Џафери, е всушност почеток на продолжението на една иницијатива која своите зачетоци ги има од 14 октомври 2017 година, кога беше формиран Клубот за младински прашања и политики во Собранието на Република Северна Македонија. Иако, како што потенцира, замислен во својот неформален состав да биде со пратеници до 35 години, тоа не претставувало, а верува дека ниту сега ќе претставува проблем за сите кои чувствуваат дека имаат како и што да придонесат во насока на унапредување на статусот и положбата, како и заштитата на интересите на младите.

– Ве охрабрувам да се посветите сериозно на задачата со која се задолжувате, затоа што верувајте, резултатите од овој ангажман, ќе бидат во полза на сите млади генерации, и актуелните, и идните. А кој најдобро ги познава потребите на младите? Се разбира токму младите кои имаат потреба да ги шират крилата, да истражуваат и откриваат нови длабочини, нови височини. Имаат потреба и заслужуваат да бидат на исто рамниште со своите врсници од високо развиените земји каде што на секој од нив се гледа подеднакво, и му се нудат еднакви можности за учење, надградување, вработување и напредување на професионалното скалило, рече во обраќањето Џафери.

Според него, што е уште поважно, високо развиената свест за еднакви граѓани со еднакви права и обврски, при тоа, почитувајќи ги разликите и карактеристиките на сите етнички заедници поединечно, ќе произведе задоволни, среќни и лојални граѓани на оваа мала но прекрасна земја која верувајте е доволно голема за да обезбеди топол дом, безбеден и квалитетен живот за сите свои граѓани со еднакво почитување на демократските и основните човекови права и обврски.

– Ние навистина имаме огромен потенцијал и мораме да направиме се што е во наша моќ да погледот на тие капацитети не биде свртен кон Западот туку свртен кон дома. Да го донесеме светот тука, а не да ни заминат младите во светот, истакна претседателот на Собранието.

Поврзани новости