Во Собранието наскоро се очекува да се формира работна група чија цел ќе бидат измени и дополнувања или нов Деловник за работа на законодавниот дом, најави претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА. Тој истакна дека деновиве ги завршил комуникациите со сите пратеници и пратенички групи и оти добил предлози за учество во работната група за продолжување на процесот Жан Моне.
– Идејата ни е тој процес поради пандемијата да го отпочнеме сами овде ние, без физичко присуство и надгледување од европратениците и периодично колегијално да ги информираме за напредокот евентуален по кој одиме. Можам да кажам дека таму се вклучени сите – посочи Џафери.
Џафери вели дека во овие разговори ќе бидат опфатени сите прашања што се отворија со новиот состав на Собранието, како на пример одржувањето на конститутивната седница.
– На пример, конститутивна седница да има тек, почеток и крај. Да не биде отворена можноста да трае со денови конститутивната седница. Да се дефинира, на пример, точно кога ќе се смета дека Собранието е конституирано за да можат да почнат да течат роковите конкретно по она што произлегуваат за другите институции, примената на роковите и текот на работата по тие рокови. Има низа работи – појаснува Џафери.
Според него, нема да биде спорно да се отвори и прашањето за онлјан работа на Собранието, но, како што нагласува, не треба да се почне со нешто што е спорно за дел од пратеничките групи.