Џафери излегува од болница, можно е да ја води седницата

by Fokus

Дилемата кој ќе претседава со утрешната седница и натаму е отворена, но собранискиот претседател во заминување, Талат Џафери, кој од 24-ти јули беше хоспитализиран на Инфективната клиника поради пневмонија, денес се враќа дома.

Последователните тестирања покажале исто така дека е негативен на коронавирусот, така што може да се очекува утре тој да претседава со конститутивната седница на Собранието.

Седницата ќе се одржи со посебни мерки за заштита, а пред се на  сите што треба да влезат во законодавниот дом, при влезот ќе им биде мерена телесна температура. Бидејќи е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, конститутивната седница ќе се одржи во друга сала – онаa под Големата купола на собраниската зграда.

Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња), а од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ. Пренос од конститутивната седница гостите ќе следат од пленарната сала „Македонија”, каде што ќе биде обезбедена неопходната физичка дистанца,  како и во салите 3 и 4 во Прес-центарот на Собранието. За да се избегне поголемо групирање, конститутивната седница ќе може да ја следат најмногу по двајца претставници од секој медиум.

Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, во Собранието нема да работат Клубот на пратениците, ресторанот и бифето во Прес центарот.

Поврзани новости