Џафери: Институциите, медиумите и просветните работници да покажат како се чува албанскиот јазик

by fokus

Секој временски период ги бие своите битки и ги слави големите или малите борби кои се само камче во зацврстувањето на темелот на чувањето, развојот и ажурирањето на јазикот кој е жива материја и кој може и да потпадне под влијание на интернационализмите и незапирливиот и сеопфатен напредок на технологијата. Затоа, треба да бидеме будни, секој во својот домен на делување. Тука, пред сѐ мислам на себе и на другите претставници на политичкиот дијапазон кои актуелно се или во иднина ќе бидат дел од законодавната власт, а тоа значи можност да ја менуваме, дополнуваме и подобруваме законската основа за чување на стандардниот јазик, порача денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери во поздравното обраќање на Научната академија по повод научно-културната манифестација „Деновите на Азбуката – II“.

Џафери ги повика институциите, медиумите, административните и просветните работници, со свој пример да придонесат за раст на новите генерации кои ќе го сакаат, чуваат, почитуваат и говорат албанскиот јазик.

Џафери во обраќањето се осврна на историјата и креирањето на азбуката.

-Азбуката со која се роди и го почна своето патешествие националната борба за културно осамостојување на светско рамниште, беше силна поддршка за националниот идентитет и за политичката независност на Албанскиот народ. Тоа патешествие помина низ многу предизвици, тешкотии, оспорувања и потценувања, меѓутоа, не го сопре одѕвонувањето на срцепарателните песни на Неџмије Пагаруша, Ханифе Сејфула Речани и на многу други истакнати албански солисти. Не ги спречи ниту истакнатите научници албанолози и писатели, ниту го сопре перото на светски познатите албанските писатели, почитуваните Исмаил Кадаре, Луан Старова и други. Напротив, беше јазикот на автентичното преведување на нивните величествени дела со кои се зголеми и се рашири албанската книжевна вредност. И, не само книжевната. Вредностите и доблестите, хуманоста и солидарноста, емпатијата и разбирањето не беа непознати ниту за Светата Мајка Тереза, ќерката на нашиот свет и мајка на целиот свет, како што прекрасно ја опишале од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците и што не прави горди на светско ниво, истакна Џафери.

Џафери од лично име, но и од име на пратениците во Собранието упати честитки по повод 22 Ноември, 112-годишнината од Битолскиот конгрес на кој се унифицираше албанската азбука, ден кој се одбележува како национален празник на Албанците во Северна Македонија.

На Научната академија присуствуваа заменик-министерот за образование и наука, Шабани, директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Асани, директорот на Агенцијата за примена на јазикот, Села, како и директорот на Институтот за албанолошки и протестантски студии, Хосафлок.

Манифестацијата почна со омаж за Ѓерасим Ќириази, а заврши со промоција на книга за Парашќеви Ќириази. МИА

Поврзани новости