Џафери го прими новиот евроамбасадор: Дијалогот Жан Моне се покажа како успешна алатка за унапредување на политичкиот дијалог

by fokus

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија Дејвид Гир на која ја поздрави досегашната одлична соработка со неговите претходници и со Делегацијата на ЕУ во земјата.

Како што соопшти прес службата на Парламентот, Џафери го информирал амбасадорот за континуираната соработка со Европскиот парламент и во тие рамки ја поздравил инцијативата на претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли за одржување самити со претседателите на парламентите од земјите на Западен Балкан и соработката во Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и Европската унија.

-Претседателот Џафери истакна дека, Дијалогот Жан Моне се покажа како успешна алатка за унапредување на политичкиот дијалог и изрази надеж дека истиот ќе продолжи и во иднина, штом се створат физички услови за негово одржување. Собранието помина низ многу премрежија од 2008 година навака и мораше да помине низ темелен процес на реформи во области детектирани од експертите на ЕУ, кои соодветно беа преточени во законски решенија и успешно беа донесени заедно со опозицијата. Заедно со надминувањето на билатералните прашања со соседите, истите ни донесоа датум за почеток на преговори според нова методологија, која за нас дава поголем кредибилетет на процесот, заклучи Џафери.

Амбасадорот Гир ја изразил спремноста на Делегацијата во целост да даде поддршка на Собранието како витална институција во евроинтеграцискиот процес. Тој особено ја посочил важната улога на Комисијата за европски прашања во текот на преговорите, но и на потребата од широк партиски консензус за ЕУ прашањата. Амбасадорот Гир нагласил дека за Европската комисија и за институциите на ЕУ, во светло на претстојното објавување на Извештајот за напредокот во октомври оваа година, од важност е донесувањето на Законот за анти-дискриминација, измени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, експертска поддршка на Комисиите за надзор над безбедносните служби и целосна функционалност на Советот за граѓански надзор.

Поврзани новости