Џафери: Доколку се оди по планот, локалните избори ќе бидат распишани на 6-ти август

by fokus

Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА вели дека е задоволен од она што досега е направено во Парламентот и покрај последиците од настаните од 27 април, кога беше неговиот избор. Локалните избори, доколку се оди по планот, ќе ги распише на 6-ти август, а по овој датум годинава би можел да започне и одморот за пратениците.

Во контекст на односот владејачко мнозинство наспроти опозиција и покрај сите предизвици, претседателот на Парламентот, посочи дека успева да менаџира со ситуацијата.

„Мислам дека е направен чекор и опозицијата да ја види својата улога и придонес и мислам дека сме на добар пат тоа и да се дообработи“, рече Џафери.

За тоа дали има опструкции во работата, потенцира дека не би можел целосно да каже дека имало обид за опструирање.

„Се е тоа во рамки на она што може да се смета како дозволено однесување на опозицијата во смисла на потребата за дебата и во тој контекст можам да кажам и можам да бидам благодарен и на опозицијата што до крајна инстанца не опстојуваше во оние, да кажеме, индиректни намери со пријавувањето на голем број на говорници и во соодветно време со соодветна комуникација успеавме и успеваме да менаџираме соодветна динамика на случувањата на нештата во Собранието“, рече Џафери.

Како еден од предизвиците за Собранието, според него, е изборот на потпретседатели, за што вели дека доколку дојде до договор меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата, точката би можела да биде вратена на дневен ред.

Локалните избори претседателот на Парламентот ќе ги распише на 6-ти август, според сегашниот план и доколку нема промени во одржувањето на овие избори на 15 октомври. До одењето на одмор на пратениците што ќе биде после 3-ти август, според најавите на Џафери би требало да бидат завршени продолженијата на петата седница за избор на директор на Агенцијата за државни служабеници, шестата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлески и да продолжи седницата за избор на заменици генерални секретари и да се донесат измените на Кривичниот законик, како и да се отвори дебата за точка на предлог на опозицијата. Ребалансот на Буџетот треба да се изгласа на 3-ти август.

Во интервјуто тој посочува дека Собранието реално има потреба од вработувања, но дека засега дал обврска само да се направи анализа на систематизацијата и на вработените во Собранието и да се види можноста за хоризонтално поместување на вработените. За потребите на Парламентарниот институт, како посебна организациона единица подготвено е барање за шест нови вработувања.

Поврзани новости