Дезертери, профитери и гол народ

by fokus

Ковачевски дезертер, полни со ентузијазам и победнички дух објавуваат опозиционерите и се занимаваат со денови со истата тема. Грешите не е Ковачевски, туку е Ковачки дезертер, полни ентузијазам и победнички дух објавува власта и со денови се занимаваат со истата тема. 

Пишува: Звонко Давидовиќ

И едните и другите мислат дека ги „закопале” оние другите и дека власта ќе им паде во раце после оваа “епохално” откритие, додека оние од власта мислат дека поради нивното „епохално” откритие власта им е загарантирана доживотно.

Гледа народот, луѓето, и се чудат кој тоа ја води државата, кој тоа се седи на пратенички, министерски и други фотељи. Го гаси граѓанинот телевизорот, го снемува препукувањето и патриотското докажување на партиските малоумници , и се враќа во реалноста и секојдневните потреби и обврски.

ВРАЌАЊЕ ВО РЕАЛНОСТА

Тргнува накај продавница и подзастанува потсетувајќи се дека одамна во Веро не пазари поради високите цени и личните мали приходи. Се упатува во Кам и Стокомак, но на каса сфаќа дека и овде цените се покачиле и дека нема повеќе можност ни овде да купи се она што го планирал.

Цените скокаат, денарот се помалку вреди ама најважно е што „дезертерот” е откриен кој и да е. Неколку километри пешачи, затоа што колата не му е регистрирана, а и недостасува и некој дел за кој нема пари, па добро, пешачењето е здраво.

Стигнува до зграда и прави цел круг околу зградата за да не го види комшијата од гранапчето на кого му должи 1.500 денари веќе два месеци но никако да ги собере да му ги врати. Влегува во зградата во која живее, куцајќи на левата нога, одамна има проблеми со тетивите ама нема здравствено осигурување, затоа што платата е нередовна и најголем дел е во кеш, така му одговара на газдата на фирмата.

Натоварен со ќеси , замислен и загрижен за претстојната зима, го стиска копчето од лифтот и приметува дека сијаличката не свети. Му се стемнува и помислува дека лифтот повторно се расипал и дека куќниот совет пак ќе бара едно мало богатство да се поправи.

Му олеснува кога сфаќа дека и скалишното осветлување не работи, рестрикција, се штеди струја не направиле патриотите увоз, добро е, не е лифтот. Сиот задишан застанува пред вратата на станот и ги спушта ќесите од рака за да го најде клучот.

Не ѕвони за да не го разбуди синот, спие душа, уморен е , бил на работа , ноќен чувар е, немаше среќа да се вработи како инженер. А му велев, си мисли во себе таткото, зачлени се во партија, ќе ти најдат работа ама тој не, не сакал да витка грб никому.

ПАРТИЈА ИЛИ ЧУВАР

Е сега на 40 ни коте , ни дете, инженер , а ноќен чувар, не сака партија, па ќе се мачи. Ги спушта кесите пред фрижкдер и ја гледа жена му како клечи и брише под фрижидерот.

Се одмрзнало и она малку месо и зеленчук што го имавме , нема струја, па ќе морам денес да ги зготвам, не престанувајќи да брише му објаснува жената. Среќа што имаме уште малку плин во боцата, па ќе може да се зготви барем и тоа да не пропадне.

Седнува во искинатата фотеља, купена е уште кога беа млади работеа и двајцата во јаки фирми кои со транзицијата ги снема, и почнува да бара вести на мобилниот, немајќи што друго да прави.

Го фативме дезертерот изјавува опозицијата, го фатувме дезертерот тврди власта, чита човекот сиот збунет и вџашен. Кој дезертирал и од каде, се прашува, кога ни војска имаме , ни војници, ни воен рок, ама добро е што е фатен.

Најверојатно сега ќе почнеме да имаме струја, хидроцентралите ќе почнат да работат, цената на струјата ќе се намали, ќе почнеме да одгледуваме сончоглед па и зејтин да имаме, земјоделието ќе заживее, платите ќе скокнат.

Штом го фатиле дезертерот и едните и другите најверијатно и јавното здравство ќе заживее, децата ќе добијат учебници, лекови по аптеките ќе има на рецепти, а можеби и некој производствен погон ќе се отвори, си размислува и бара во вестите по порталите, ама за тоа ниту збор не пишува, а и политичарите молчат.

ДЕЗЕРТЕРОТ ФАТЕН, НАРОДОТ ГОЛ

Истоштени се од бркањето на дезертерот , си помислува човекот, ама едно го мачи, каква врска има дезертерот со сево ова не му е јасно, да беше саботер , како што го викаа во наше време , можеби и ќе разберев.

Збунет, го остава телефонот на изгребаната и дотраена масичка и излегува на балкон да испуши цигара. На балконот во спротивната зграда стои соседот и самиот збунет и кога го здогледува , се приближува до оградата и се наведнува малку.

Се наведнува и човекот и главите им се скоро доближени, изградени се зградите според ДУП на растојание од 2 метра, па истите может и да си шепкаат на уво.

Комшија, што мислиш да не има уште некој дезертер, па и оваа година да го бркаат, а се друго да баталат, загрижено прашува едниот.

Уште долго остануваат така замислени на балконите обвиткани во дим од цигарите и темница предизвикана од лесната ментална ретардација на некои од татковците и мајките на нацијата.

Поврзани новости