Девојката го повикала Пино да се најдат, иако знаела дека првоосомничениот планира да го убие

by fokus

Основното јавно обвинителство денеска побара притвор за второосомничената за убиството на Пино Секондо. Девојката знаела дека првоосомничениот планира да го убие, го повикала да се најдат во Ѓорче Петров, присуствувала на убиството, а потоа помогнала да се сокрие телото.

-Вечерта на 11 декември 2018 година, осомничената 22-годишна жителка на Скопје го повикала сега починатиот да се најдат кај насипот во Ѓорче Петров, иако знаела дека ќе им се придружи и првоосомничениот со намера да го лиши од живот оштетениот. Кога пристигнал прво осомничениот и со огнено оружје – пушка се заканил кон жртвата, сите тројца се упатиле со патничкото моторно возило кон атар во скопското с. Арачиново. Откако пристигнале осомничените започнале вербална расправија со жртвата, по што првоосомничениот го застрелал оштетениот и го лишил од живот. Осомничената дала придонес кон вршење на кривичното дело со тоа што го повикала сега починатото лице, била присутна во моментот на неговото лишување од живот и учествувала во пренесување на телото на починатиот и негово криење во близина на с. Љуботен. Надлежниот јавен обвинител ценеше дека постојат околности што укажуваат на постоење опасност од бегство и на основан страв дека осомничената ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци, поради што до Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување на мерката притвор против осомничената, се вели во соопштението на ОЈО.

Поврзани новости