Девојчето во Неготино нападнато поради банална причина, јавноста во шок од настанот

by fokus

-Родителот на едното девојче кое беше дел од немилиот настан веќе дојде на разговор во училиштето, додека родителите на другите две ученички треба да дојдат на разговор на шеснаесетти, односно во понеделник – ни изјави во телефонски разговор Петар Мантев, директор на ООУ Гоце Делчев, Неготино, по случката која што ја потресе јавноста вчера.

Имено, видео снимка на која се гледа како две ученички брутално тепаат друго девојче, додека останите деца околу нив само гледаат и снимаат со мобилни телефони, без при тоа да се обидат да ги разделат или да повикаат помош, предизвика бурни реакции кај народот. Настанот се случил во средата по часовите, покрај оградата, од надворешната страна на училишниот двор.

-За случајот се известени сите надлежни служби, пријавено е и во ПС Неготино. Со девојчињата се разговараше, се вклучија наставниците, педагогот и психологот. Изречени се педагошки мерки. Станува збор за ученички во деветто одделение, на возраст од околу 14 години, кои и во минатото имале проблеми со доброто поведение. Една од ученичките која е на снимката тој ден дури и воопшто не се појавила на настава. Се превземаат сите потребни мерки за да се надмине проблемот – тврди Мантев.

Според соученици на девојчињата, тие во минатото биле другарки. Кавгата и тепачката, наводно настанала поради момче, односно поради љубомора. Од Министерството за образование го осудија настанот. На социјалните мрежи се бара став од детската амбасада Меѓаши, но и санкции, за во иднина да не се повторуваат слични насилства кои оставаат трауми во животот на децата.

Изобилува и со коментари во кои се бара одговорност од родителите на девојчињата кои ја тепаа соученичката. Тепачката, но и реакцијата на останатите ученици присутни на самото место е топ тема не само во Неготино, туку и во целата земја. Видеото, неколку часа по пуштањето во етер беше отстрането. Сепак, и за само неколку часа, успеа да допре до пошироката јавност и да предизвика лавина од реакции. Јавноста е запрепастена од суровоста на полуматурантките кои го туркаат, викаат по него, го соборуваат на земја и го влечат за коса девојчето.

Но запрепастувачка е и пасивноста на останите ученици кои се само неми сведоци на настанот, без при тоа да изреагираат и да го одбранат нападнатото девојче. Агресивното однесување во училиштата, каде соученици физички или психички малтретираат соученик не е нешто ново, ширум светот. Повеќето училишта во развиените земји имаат свои програми за дисциплинирање на учениците кои малтретираат соученици (Guidelines for disciplining bullies) или пак се потенцијални малтретирачи (Bullying prevention programs).

Како една од најважните мерки во програмите е брзата реакција на училиштето, односно веднаш штом се добие поплака за било какво малтретирање, психичко или физичко, да се започне со истрага. Пресудно е да им се покаже на учениците кои што малтретираат соученици дека надлежните служби во училиштето не само што се свени за малтретирањето, туку и дека истото не е прифатливо и нема да биде толерирано.

Во ООУ Гоце Делчев Неготино во изминативе години, во склоп на програмата за превенција од насилно однесување во училиштето се имаат одржано низа активности. Дел од нив се воспоставување на правилата за ненасилна комуникација, работилници во кои учениците се стекнувале со свесност за влијанието на своето однесување врз другите, а од страна на стручни лица од МВР Неготино се одржале и предавања на тема ,,Борба против насилството во училиштата’’.

Вики Клинчарова

Поврзани новости