„Девојчето“ кое бара пари за преглед на очи всушност е момчето кое беше киднапирано пред четири години!

by Фокус

Фотографија на дете кое седи на улица и во рацете држи испишана порака дека собира 2.500 денари кои му се потребни за преглед на очи во клиниката Промедика во Скопје, ги преплави социјалните мрежи пред два дена. Во описот на фотографијата беше наведено дека се работи за девојче, кое било фотографирано во Охрид истата вечер.

Девојчето кое моли за 2.500 денари, за да не го изгуби видот ја трогна јавноста. Следеа многу реакции и апели истото да се пронајде, а многу граѓани веднаш понудија парична помош за прегледот, но и за понатамошното лекување.

Од клиниката ,,Промедика Офталмологија” и д-р Наум Трпеноски набргу упатија јавен апел, до сите кои имаат контакт со детето на фотографијата, веднаш да ги контактираат, појаснувајќи дека целиот трошок за лекувањето ќе биде покриен од страна на клиниката. Следуваа пофални зборови за хуманоста на ,,Промедика Офталмологија” но и пораки што е можно побргу да се најде детето.

Се појавија објави дека било забележано на еден, па на друг крај на Охрид, но конкретни податоци кое е детето немаше. Сепак, на крај се испостави дека целата фама која што се крена поради фотографијата е лажна, а од клиниката објавија детали за кој случај всушност станува збор, како и медиумски објави на темата за детето.

Имено, уште пред четири години повеќе медиуми објавија вест дека Марјан С., тогаш седумнаесет годишник, исчезнал од дома. Го немало цели 22 дена, а родителите и полицијата трагале по него. Имал оштетен вид, и често просел пред ГТЦ. Неговиот татко го барал низ целата земја, имал сознанија дека е во Ресен, па трагал и таму.

Потоа му било кажано дека момчето заминало во Србија со автобус. Веднаш отишол во Белград, го барала и тамошната полиција, залепиле плакати низ градот, барале по парковите. Дури откако по десет дена безуспешна потрага се вратил назад, добил повик од македонската амбасадорка од Белград, која му соопштила дека Марјан е пронајден, кај двајца браќа Роми во населбата Бежанијска Коса.

Тие го киднапирале, му дале стара облека, му ги скршиле очилата и го терале да проси. Успеал да им избега, а кога стигнал на Ушќе го забележала повозрасна жена која повикала полиција. Тој беше вратен кај родителите, кои тогаш за медиумите појаснуваа дека момчето има 80 проценти оштетен вид, губел ориентација и во минатото се случувало да го нема по неколку дена.

Ова не е редок случај, кога со лажна објава на социјалните мрежи се создава вознемиреност кај граѓаните и се доведуваат во заблуда. Истовремено, фотографијата ја разбуди и солидарноста и хуманоста, па објавената фотографија за кратко време имаше илјадници споделувања, а беше споделувана и информација дека граѓани од Охрид го барале низ центарот на градот, со цел да стапат во контакт со неговите родители или старатели.

Вики Клинчарова

Поврзани новости