Девојче не сакаше да се поздрави со мене оти немало коса, рече Софијанова на промоцијата на првите природни перики

by fokus

Минатато дежуство, едно девојче не сакаше да се поздрави со мене додека бев на визита. Зошто? Затоа што не била цела, немала коса. Следното дежурство коешто го имам во недела, јас ќе и дадам коса, благодарение на вас. Продолжете, им помагате на децата и на останатите – порача вчера директорката на Клиниката за детски болести, д-р Аспазија Софијанова, на настан во Кавадарци, организиран од фирмата Инфинити лајф, за промоција на првите перики за лица болни од карцином.

Фирмата е прва во земјава која изработува перики од природно влакно, а нејзин основач и сопственик е младата Сашка Кузманова.

Според неа, целта на фирмата е да се упати апел до сите личности кои се соочуваат со тешката болест дека не се сами и ја имаат поддршката.

-Напредокот е можен, а со взаемна поддршка и силен мотив дека силата е во секој еден од нас, можеме многу повеќе. Можеме заедно да ја допреме бесконечноста, се со цел да придонесеме за повеќе насмевки-е пораката на Кузманова.


На настанот кој се одржа во Парк на револуцијата во Кавадарци, беа донирани првите две перики изработени од природно влакно. Покрај д-р Софијанова, присуствуваа и Биба Додева од здружението Борка, градоначалникот Митко Јанчев, но и повеќе жени од амбасадите на Словачка, Бугарија и Украина.

-Голема е честа што основачот на фирмата, прва во нашата земја, Сашка Кузманова е токму од нашето Кавадарци. Таа ја доби целата поддршка од Локалната самоуправа и од мене како градоначалник, и ме радува тоа што многу млади девојки од Кавадарци донираа дел од своите коси за да се изработат овие перики. Тоа е и целта, на сите кои се соочуваат со болеста да им покажеме дека сме покрај нив- изјави Јанчев.

-Моментот кога ќе дознаете дека имате рак е најтешкиот во животот. За жените, посебно е тежок и моментот кога ќе се соочат со губењето на својата коса. До сега имаме издадено над 1.100 перики за овие години, ќе ја поддржуваме целата идеа, бидејќи периките изработени од природна коса се од најдобрите.
Луѓето често прашуваа каде да донираат коса, навистина ми е драго поради оваа иницијатива која заедно со борките ја поддржуваме. Им се заблагодаруваме на сите за поддршката, ова е тоа кое ни покажува дека заедно можеме да правиме промени – изјави Биба Додева пред присутните.

Вики Клинчарова

Поврзани новости