Девет метри историја и волкот што изеде бог

by lali 10:03
10:03

Крушево е многу живописно гратче. Сум бил таму неколкупати порано, но само службено, на кратко, воден од проектите преку кои се бориме со мрачната страна на нашето општество. Овојпат, Крушево беше дестинација за бегство. Со Мирослав, мојот другар и партнер во проектот Криптохроматик, се дадовме во кратко креативно бегство од скопскиот крастав жабурник.

Нашиот проект вклучува сликарство, филм, фотографија, поезија, музика, дизајн и уште неколку други медиуми и бара многу концентрација и понирање во себе. Се впуштивме во заеднички проект кој од нас бара длабок дијалог кој не е составен само од зборови, туку и од слики и звуци, отворање пред непознатите сфери во потсвеста и натсвеста. Повеќе за ова, можеби во некоја наредна прилика.

Изнајмивме апартман на врвот од едно двокатно хотелче, со балкон од кој го гледавме цело Крушево. Луѓето со кои се сретнавме во текот на нашиот тридневен престој, беа љубезни и топли, ведри и пресретливи. Вистински убаво искуство кое ја претвори нашата работа во уживање.

- Advertising -

На вториот ден од нашиот престој, изгладнети од пречистиот воздух и од работата, седнавме да вечераме во ресторан во центарот на Крушево. По зајдисонце, Крушево е свежо. Дуксерите не се доволни, но домаќините се погрижиле и за тоа, ставиле топли и чисти ќебиња на дофат на секој гостин. Разговаравме за тоа што направивме во текот на денот што измина и планиравме на што ќе се посветиме во текот на ноќта. Направивме многу, но остануваше уште повеќе.

Меѓу другото, го коментиравме едночасовниот разговор со Марко кој од Америка ќе ни помогне дел од нашиот проект да претставиме на веб-страницата на проектот. Марко е еден суперталентиран млад човек, мој вреден соработник во Цивил, кој замина пред неколку месеци. Тој е уште еден од многуте млади луѓе кои својата иднина ја гледаат во белиот свет. Пресреќен е што е таму и не мисли да се враќа. Ќе учествува како веб-администратор и дизајнер во нашиот проект, про боно. Разговаравме долго, колку за проектот, толку и за приликите и неприликите на нашите опкружувања, нашето изветвено и неговото ново опкружување.

ШТО ИМАШ ТИ ПРОТИВ БАЛКАНОТ, БЕ?!

Дојде и вечерата, колоритна, вкусна и топла, се испарува и ни го привлекува речиси сето внимание. Но, со вечерата дојде и еден наш заеднички познаник. Застана кај масата, се поздрави и, откако Мирослав му направи место на тапацираната клупа, седна и си нарача пиво. Ја сменивме темата и разговаравме сенешто. Во еден момент, не знам во кој контекст, но секако не беше нешто драматично, Мирослав рече дека постојано се гледа во некој ретровизор и дека така не може да се оди напред. Ништо особено, постојано го велиме тоа. Но, тоа познаников го доживеа небаре му удри шлаканица.

„Добро бе, што имаш ти против Балканот, бе?!“ – беше првата реакција на познаников. Никој не го спомна Балканот, па ни Македонија. „Не го потценувајте Балканот!“ – беше уште една реченица која ликов во својата десетминутна тирада ја повтори десетина пати. „Па, знаеш ли дека на Балканот има девет метри историја!“

Се расфрлуваше со термини од областа на археологијата, со деветте метри хоризонтален пресек во длабочина каде што има траги од цивилизација од неолитот, па наваму. Термините ги објаснуваше со тон на некој што држи лекција на неуки. И секако, со висок, прекорен тон. „А оние немаат ни триесет сантиметри историја!“ – кулминираше неговата тирада меѓу две долги голтки пиво. Ние го гледавме во неверица и без збор. Се обидувавме да го задржиме вниманието на вкусниот оброк пред нас, но овој не престануваше. Триесетте сантиметри историја на „оние“ стана јасно дека се однесува на останатиот дел од Европа и светот.

Тирадата му заврши отприлика кога завршивме и ние со вечерата. Мирослав безуспешно се обиде да му каже дека му е промашена и темата и нападот. Завршницата на познаников му беше нервозно повторување на забраната за потценување на Балканот и барање сметка за пивото и само за пивото. Ништо за обидот да ја упропасти нашата вечера.

За среќа, пријатната крушевска свежина, благата светлина која паѓаше на чешмичката кај црквата „Свети Јован“ и на улицата полна со луѓе, добрите очи на кучето-скитник кое се гостеше со делови од нашите оброци и вкусното јадење, беа посилни од хистеричниот занес на бранителот на деветметарската балканска историја, која никој и не ја нападна. Стана нервозново човече и си замина. Се погледнавме со Мирослав и се изнасмеавме.

Подоцна, се симнавме по крушевските сокаци да се запознаеме со гратчето. Убави, стари куќи и цркви со неповторлива архитектура и степен на зачуваност како ретко каде во Македонија. Застанав да си купам „Фокус“. „Нема“ – вели продавачката – „но имаме Слободен печат“. Ги имаше и сите други дневни весници, но ми понуди „Слободен печат“. Во краткиот разговор дознавам дека „Фокус“ и „Слободен печат“ се весници, за другите „ич да не прајме муабет“.

Се смееме на излегување од малото дуќанче. Притоа, се потсетуваме дека не смееме да заборавиме да купиме крушевски локум и целувки. Така и сторивме пред заминување и не се покајавме. Воедно, се обидовме да го запомниме само пријатниот дел од вечерта и да го потиснеме отровот што ни го излеа познаникот ни наш на нашата трпеза.

БЕЗ ТРОШКА УСЕТ ЗА РЕАЛНОСТА

Сепак, оваа бесмислена и неартикулирана атака остана да лебди во воздухот и ни беше уште еден горчлив потсетник за тоа колку се забегани интелектуалците. Испрани мозоци, препарирани и зомбифицирани, тие ја отвораат устата како некој да држи конец над нив и пушта една ветва лента да се врти постојано. Без трошка усет за реалноста. Евтино, но агресивно и арогантно. И параноично. Како некој постојано да ги следи.

Нема да ме изненади ако некогаш слушнам дека препарираните интелектуалци купени со трошки партиска милост вежбаат одбрана на идеологијата дома сами, пред огледало. Од страв дека некој ги гледа насекаде, тие одат во просветителски (пропагаторски) поход и кога одат во бакалница да купат евтина ракија од под тезга. Ја предат приказната за античка и херојска Македонија секаде, вредно и непрекинато. Не е важен контекстот.

Ако им се укаже дека нивната пропаганда е вон контекст, тогаш тоа е непријателско дејствување. Не дозволуваат да ги ставите нивните тези под знак прашалник. Тоа би било велепредавство! Линч имаат во очите пред воопшто да ви се обратат. Одговорите не ги слушаат, тие се излишни. Сѐ што се очекува е покорно климнување со глава.

Не можам да разберам, колку и да се обидувам. Тоа што го разбирам од ваквото однесување, не можам да го прифатам. Не сакам да прифатам ропски снисходливо однесување на некој што себеси се нарекува интелектуалец.

КУРЕНТОВАЊЕ, ЕВРОПА И УШТЕ МИТОВИ

Некогаш, многу подлабоко и од оние девет метри на загриженото другарче, првите луѓе живееле со лесен живот во долина наводнувана од седум реки што извирале од едно јајце. Но, луѓето станале алчни за повеќе вода и го скршиле јајцето. Тогаш настанала поплава која ги удавила сите луѓе, освен Крањац, стражарот кој бил поштеден од Курент, бог на виното. Со текот на времето, Крањац станал алчен за моќ и влегол во препирка со Курент за тоа кој треба да владее со светот.

По низа битки со Курент, стражарот излегол како победник и завладеал со светот. Но, толку се занел во својата моќ, што пристигнал речиси до врвот на планината каде што живееле Курент и другите богови. Таму, тој се најал од нивното месо, а Курент го послужил со нивното вино. Месото и виното толку го опиле што не можел да се додржи на стрмната планина. Лесно било да го турнат во амбисот. Тој треснал на земјата, губејќи ја сета своја моќ.

Ова е древен словенски мит кој може да се протолкува на повеќе начини, но секако говори за тоа како поминуваат алчните. Митот за Курент се оживува секоја пролет во Словенија кога се одржува фестивалот под маски Курентовање, еден од најегзотичните фестивали во регионов. Со тој фестивал, полн со музика, маски, претстави и концерти, словенечкото општество се потсетува на своите корени, а секако и на митовите во кои алчноста за моќ и за материјални добра е погубна. Но, Словенците се одамна дел од Европа која е сиромашна со историја, нели?

Таа иста Европа е на колена поради лошата економска состојба, а криминалот и социјалните девијации го исполнуваат неизвесното секојдневие на европските граѓан(к)и. За тоа време, ние овде триумфално ги уживаме благодатите што произлегуваат од древната историја. Така барем читаме и слушаме, а тие што треба да бидат стражари на вистината, како што Крањац го чувал светот на првите луѓе во митот за Курент, не само што не се обидуваат да ги проверат бајките на власта, туку се и верни апологети. Дали затоа што и Крањац се полакомил? Дали тоа му е дозволено на еден интелектуалец?

Нема веќе ни дрвја. Се верува дека богот Велес, кој бил чувар на подземјето, најголем дел од времето го минувал намотан околу корењата на светото дабово дрво. Со сечата на дрвја во име на барокот, веројатно и Велес се повлекол, заминал, а подземните креатури излегоа на површината и го окупираа светот кој некогаш им припаѓаше на луѓето. Бјелобог ја изгуби битката со Чернобог.

Фенрир, според нордиското пророштво, ќе го изеде врховниот бог Один и така ќе стане еден од носителите на пропаста на светот. Чекајќи го нашиот Фенрир, ние се давиме во поплавата предизвикана од алчност и бескрупулозен грабеж. Один остана во Скандинавија, а овдешниве зевсови ја тресат земјата со своите чизми.

ОПШТЕСТВО БЕЗ РАЗГОВОР

На враќање од Крушево, застануваме на неколку часа во Прилеп, уште еден град познат по својот непокор во релативно блиското минато. Се среќаваме со блиски и драги луѓе, со познати и непознати. Слушам и од нив приказни за мизеријата со која секојдневно се бори обичниот човек. Минатиот пат, зборот обичен го ставив под наводници, бидејќи нема обични и необични луѓе, туку само необични и прекрасни. Но, ги нарекувам обични оние што не чекорат во стројот на солдатеската на власта. Иако, како што веќе еднаш напишав, сите се ставени во машината, не остана педа неокупирана земја. Разговараме и слушаме. На неколку места, тивко, со шепот, ми велат да продолжам така. Им благодарам за поддршката.

Веќе единаесет недели во „Фокус“ и долги години наназад на низа други места се обидувам да го претставам мојот и само мојот поглед на нештата. Невознемирен од влијанија и уцени од каков и да е вид. Овде, во просторот наречен „Гето“, избегнувам да го коментирам скандализирањето на животот на луѓето и секојдневните помали и поголеми катастрофи кои ги предизвикуваат властите во оваа земја. Се обидувам да изнесам фрагменти од моите мисли и доживувања. Не бегам од реалноста, тоа им го препуштам на портпаролите на властодршците, но со ништо не дозволувам да ме испровоцира примитивноста и лигавежот на смрдливците што ’ржат насекаде околу мене.

Малку или воопшто не се обидувам да предложам дебата. Живееме во општество во кое нема дебата. Нема ни обичен разговор. Или се молчи или се држи монолог. Шумовите што ги произведува нашево општество, ако воопшто може така да се нарече, всушност, се само какофонија од малубројни монолози и од еден постојан кодиран звук – звукот на автократскиот апаратус.

СО КОРБАЧ ПО ВИСТИНАТА

Од ова што му се случува на македонското општество нема да остане ништо, освен голема и долга тажна приказна составена од безбројните сведоштва за падот на човечкото кај луѓето. Погледот во минатото им помага на луѓето да станат подобри и полесно да се соочат со предизвикот и неизвесноста на сегашницата, да ги предвидат различните иднини и да се обидат да ја одберат најдобрата од сите можни патеки на живот во достоинство. Но, минатото овде е само партал покрај чизмите на оние себе си се доживуваат како митолошки суштества, помали или поголеми богови.

И го земаат корбачот и удираат безмилосно по вистината. Измислуваат евтини приказни и поставуваат назабени стражари околу нив. Тепаат и пцујат по оние што се обидуваат да останат луѓе и да го задржат достоинството. Достоинство кое се задржува само ако се задржи врската со реалноста.

Секој пат, пред да почнам со пишување, еднаш неделно, за мојот омилен, а со години и единствен неделник во Македонија, јас го пуштам Фенрир да ги изеде тие креатури за да ме остават на мир, да пишувам, невознемирен од барабите. Кога можел да го изеде великиот Один, може и нив. Фенрир е добар волк.

Поврзани новости