Децата жртви на родителите и институциите: Прекинато образование заради стапување во брак

by fokus 09:45
09:45

Пишува: Сунаи Сабриоски 

Малолетничките бракови го поставуваат прашањето за основното и средното образование кое е законски регулирано и истото е задолжително, а редовното образование се навршува на приближно 18 години. Сепак, праксата покажува дека склучувањето на малолетничките бракови се одобрува од страна на надлежните институции без притоа да се води грижа за нивното понатамошно образование. Најпогодени од ваквите постапки на родителите и надлежните институции се довојките за кои наместо образование и нормален животен тек за возраста која ја имаат им се допушта да продолжат да живеат во сиромаштија и дисфункционални бракови.

- Advertisements -

На училиште не одам затоа што мажот и свекрвата не ми дозволуваат. Мажена сум 7 месеци, не планирам да се вратам на училиште “. – вели една малолетничка со навршени 16 години од Прилеп.

Бројот на  склучени малолетнички бракови од година во година е сè поголем. Според податоците добиени од страна на Министрството за труд и социјална политика, во периодот од 2013 година па се до 2016 година биле регистрирани вкупно 655 малолтнички бракови од кои 111 се лица припадници на ромската етничка заедница.

Експертите коментираат дека со стапување во брак на малолетни лица, се доведува во прашање можноста за тие лица да го комплетират своето образование, поради обврските кои произлегуваат од бракот, како и поради родителските обврски.

За решавање на овој проблем потребно е посветување особено внимание од наставниот кадар во образовните институции, посебно во места каде е детектирано дека ваквата појава е зачестена. Тука се јавува и еден друг проблем а тоа е дека најчесто малолетните лица кои склучиле брак најчесто престануваат да посетуваат образовни институции, а согласно Законот за средното образование истото е задолжително. Отука се прашуваме колку вакви случаеви се детектирани и во колку од нив се изречени соодветни санкции кон родителите кои дозволиле нивното малолетно дете да не посетува настава“ – вели Дејан Тошески, магистер по правни науки.

malo

Во брак и на 13 години

Минатата учебна 2015-2016 година бројот на склучени бракови во ОУ „Добре Јованоски“ – Прилеп  изнесувал пет, додека оваа учебна година на самиот почеток има три склучени бракови и тоа во летниот период.

„Во нашето училиште честа е појавата на склучување на малолетнички бракови и тоа на учениците од ромската популација. Возраста на ученците кои стапуваат во брак се движи од 13 до 16 години и тоа најчесто кај женската популација. И покрај преземените активности од страна на училиштето, сепак оваа појава е застапена“ – вели Виолета Лашкоска, директорка на ООУ „Добре Јованоски“ – Прилеп.

Воислав Стојановски од Хелсиншки комитет за човекови права смета дека е потребно воведување на сексуално образование во училиштата, како и заострување на казните од страна на судовите со цел намалување на малолетничките бракови.

Неопходно е итно воведување на сексуалното и репродуктивното образование во основните училишта. Министерството за здравство мора да обезбеди матични гинеколози и педијатри во сите општини. На крај, судовите треба да ја заострат казнената политика и да изрекуваат ефективни затворски казни во случаите кога родителите дозволиле нивното дете да живее во вонбрачна заедница со друго лице“. – вели Восилав Стојановски, правен советник на Хелсиншкиот комитет.

brak

Потресна исповед на малолетничка: Животот ми го уништија!

Според теренското истражување кое го направивме во месец Јули 2016 година во градовите, Прилеп, Битола, Струмица, Скопје и Велес, од вкупно 24 испитанички од ромска етничка припадност, четири од нив се во бракови помеѓу малолетно лице кое навршило 14 години но не навршило 16 години и полнолетно лице кое навршило 18 години години.

Еден од случаите е и А.С. од Струмица со која во текот на интервјуто настојуваше да остане анонимна. Имала 14 години кога била принудена од нејзините родители да стапи во брак со 22 годишниот избран партнер. Училиште никогаш не посетувала затоа што така одлучиле нејзините родители.

Животот ми го уништија, никогаш нема да простам на моите родители за тоа што ми го направија. Бев мала, сакав училиште и како секоја девојка имав своја симпатија од која моите родители пробаа да ме разделат. И да пријавев ништо немаше да помогне, само затоа што сум Ромка не гледаат како такви дека ние треба да сме мажени, а и родителите не се за фрлање, има и поголеми примери од мене, среќа не ме продале за пари во Италија. Тие се криви за се, солзите ми се за децата што си ги немам видено, ама тагата за училиштето и децата ќе ми останат камен на срцето.“ – вели А.С. од Струмица.

Ниту има стратегија, ниту санкции

Ваквите бракови и вонбрачни заедници, додава Тошески, особено се чести во средини каде живее најсиромашното население, па оттука и допуштањето на детето да стапи во брак или вонбрачна заедница каде не е исклучена и „трговијата со сопственото дете“ односно стекнувањето со имотна корист на родителите.

utse

Во Македонија не постои една генерална стратегија за решавање на овој проблем. Институциите кои треба да се занимаваат како со  превенирање на оваа проблематика но и со санкционирање на појавата на вонбрачни заедници, едноставно  го имаат прифатено како една нормална појава бидејќи најчесто ги зафаќа најсиромашните слоеви на населението, и поради тоа не вложуваат особени напори за решавање на истата“.– вели Дејан Тошески магистер по правни науки.

Но, тоа што е овде загрижувачко што законодавецот не постапувал во случаите каде што детето со навршени 16 години формирало вонбрачна заедница и немало согласност од родителите, бидејќи според ограничената деловна способност има право само да одлучува како дете со навршени 16 години да живее надвор од својот дом со друго лице.

Пријавив во полиција бе синко, ме прашаа кај е отидено чупето му кажав сè – наредниот ден дојде полицијата и ми рече ако сакам ќерка ми да живее да ги оставам на раат бидејќи не можам ништо да направам дека имa 16 години, отидов јас со мажот ми, ама залудно не се врати дома, оди сега маките гледај и ги како родител. Чедо е, твое е те боли да го гледаш како се мачи, ама не е само таа виновна. Виновни сме и ние затоа што немаме сила и не знаеме како тоа да го направиме, ама сепак  полицијата требаше да ја заплаши а не да ја остави кај него да се мачи“. – вели мајката на една од девојките со кои разговаравме.

Тошески констатира дека е потребно надлежните институции на оваа проблематика да пристапуваат посериозно со соодветни решенија и санкции.

Откако ќе се детектираат и санкционираат учесниците во ваквите појави потребно е  стручните лица од Центрите за социјални работи соодветно да работат со ваквите лица, и на истите да им се овозможи да го продолжат своето образование. Но процесот не завршува со санкцијата затоа што треба да се работи со жртвите кои биле дел од некаква вонбрачна заедница и на истите да му се даде можност повторно да се вратат во нормалниот животен тек соодветен за возраста која ја имаат“. – појаснува Тошески

До 27 основни судови во Република Македонија беше испратено барање за слободен пристап до информации од јавен каратер, од кои само 8 одговорија за вкупниот број на издадени дозволи за склучување на брак на малолетни лица кои наполниле 16 години во период 2014, 2015 и 2016 година. Од добиените резултати може да се види дека во 79 случаи судовите издале дозвола за склучување на брак на лицата кои наполниле 16 години од нивниот живот по претходно прибавено мислење од страна на центрите за социјална работа.

Снежана Јованоска, директорка на прилепскиот Центар за социјална работа, појаснува дека при издавање на стручно мислење за склучување на малолетнички брак, во нивна надлежност е да го испитат барањето и да донесат соодветен заклучок кој во 99% се одобрени со позитивен извештај. Меѓу другото, посочува на проблематиката со  едукацијата на родителите кон своите деца, обично кај припадниците на исламската вероисповест, каде зрелоста на брак ја поистоветуваат со биолошката зрелост на девојчињата и на момчината.

Прв и основен фактор кој може да влијае на намалување на малолетничките бракови е  образованието и сексуалната едукација. Меѓу другото сексуалното воспитување има влијание при спречување на предвремени сексуални врски. Со тоа и спречување на предвремена бременост и раѓање особено кај ромската заедница со зголемувањето на бројот на запишани деца во образование повеќе ќе се придонесе за намалување на склучување на овие  малолетнички бракови.“. – вели Снежана Јованоска, директорка во Центар за социјални работи, Прилеп.

59_big

Потребен е сериозен пристап од надлежните институции

Центрите за социјални работи, Министерството за внатрешни работи, Основните јавни обвинителства, Основните судови и Министерството за образование и наука треба сериозно да ја сфатат оваа проблематика и со еден сериозен пристап да почнат истата да ја истражуваат на терен и за истата да понудат соодветни решенија. Од една страна да се започне со едукација на родителите и децата во посиромашните слоеви на населението, од друга страна Министерството за внатрешни работи заедно со основните јавни обвинителства да започнат една организирана акција за откривање и санкционирање на постоењето на вонбрачните заедници во кои барем едното  лице нема навршени 16 години од животот и казнување, не само на полнолетните лица кои живеат во ваква заедница, туку и на родителите кои допуштиле ваквата заедница да постои. За ефикасно решавање на овој проблем потребна е една генерална стратегија која ќе ја изготват компетентни лица од различни области се со цел да имаме ефикасно и ефективно најпрво превенирање на ваквите појави, а потоа доколку се случат, нивно санкционирање.

Оваа истражувачка сторија е изработена во рамките на Проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“, имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права, финансиран од Европската Унија и ко-финансиран од Британската Амбасада во Скопје.

Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторите и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и мислењата и ставовите наведени во оваа истражувачка сторија не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада во Скопје.

 

Поврзани новости