Децата во селото Марена добија градинка

by fokus

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев денес ја пуштија во употреба новата детска градинка во село Марена.

Објектот ,,Петар Пан” е дел од проектот на Министерството за труд и социјална политика, и руралните средини да добијат детски градинки.

-Руралните средини заслужуваат да имаат еднаков пристап до услуги како и урбаните средини.Токму тоа е намерата на оваа Влада, исто така и на вашиот градоначалник. Со обезбедување на пристап и еднакви услови за сите граѓани во државата може да постигнеме поквалитетен живот и еднаквост пред институциите. Се радувам што вложуваме во детската заштита и отвораме нови градинки. За само две години отворивме 23 објекти. До крајот на месец јули треба да има уште два објекти во Општина Кавадарци, најавуваме и трета градинка и сум сигурна дека ќе ги надминете проблемите со детската заштита – порача министерката.

Градинката во Марена ја изгради Локалната самоуправа Кавадарци, а пак министерството за труд и социјална политика целосно ја опреми.
Во неа ќе бидат згрижени околу 30 деца.

-Увидовме дека во минатото имало многу проблеми за упис на дечиња во градинките, посебно во руралните средини, од каде родителите беа приморани да ги носат децата во градинките во Кавадарци, каде голем број на деца чекаат упис. Ова е втора градинка која се отвора во Општина Кавадарци во рок од една година, во тек на летото ќе бидат предадени и седум нови занимални во склоп на градинките во Кавадарци, во село Возарци се прави нова градинка, имаме одобрено и проект за изградба на комплетно нова градинка од Светска Банка. Децата ќе добијат комплетна згриженост, бидејќи во градот каде невработеноста е под 4,5 проценти градинките се неопходни – порача Јанчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости