Родителите на деветмесечната Николија молат да се спаси животот на нивното бебе

by Fokus

Викторија Трајкова, тринаесет годишно девојче од Неготино, изминативе денови може да се забележи како со часови, веднаш по завршувањето на училиштето оди од врата на врата, со кутија во рацете. Срамежлива, но сепак насмеана, учтиво ги моли своите сограѓани за помош, донација за лекување на деветмечната Николија Динова, чиј живот зависи од хуманоста на народот. На кутијата за донации, фотографија од малото девојченце, облечено во бело фустанче, испишани сметките за донации и апелот за помош.

Сликата, не може, а да не ве трогне.

,,Одам веќе со денови, од врата на врата. Некогаш и мои другарки доаѓаат со мене. Мораме да собереме пари за лекувањето на Николија, многу е мила, слатка, само да ја видите’’ – ни раскажува Викторија.

Николија е дете на блиски пријатели на родителите на Викторија. За неа веќе се одржа хуманитарен концерт во Дом на култура ,,Ацо Ѓорчев’’ Неготино, но собраните средства биле далеку од потребната сума за спас на девојчето,кое се наоѓа во лоша состојба, односно и бил дијагностициран голем “Porenzephaler”, дефект на мозокот и секојдневно имала мозочни грчеви кои со тек на време станувале се полоши.

,,Некои луѓе, кога ќе им заѕвонам на вратата, веќе знаат за што се работи и ми донираат по некој денар за Николија, но има и такви кои кога ќе ме видат мене, се уште дете, мислат дека ги лажам, па не донираат ништо и ја затвораат вратата. Сепак, јас нема да запрам, се додека не се соберат сите пари потребни за лекување, секој ден ќе одам низ градот со кутијата за донации. Успеав да соберам околу 15.000 денари, ги уплативме на сметката, кога се враќам дома, веднаш пребројуваме колку сум собрала, и така секој ден’’ – вели девојчето со сигурен глас.

Нејзината храброст и хуманост не мотивираа да стапиме во контакт со родителите на Николија, кои моментално заедно со неа се наоѓаат во Есен, Германија, каде што треба да започне лекувањето, односно спасот на нивното дете.

,,Не знам од каде да почнам, оти за секој родител, да си го гледа детето како му се мачи, а да не може да му помогне е навистина тешко, ако тоа е вистинскиот збор, воопшто. Со Николија и со сопругот сме овде, во Германија, веќе неколку пати бевме во клиниката во Есен, од каде ни ветуваат дека откако ќе ги направат сите потребни испитувања, ќе можат да одредат прецизна дијагноза, но и да дадат соодветна терапија, која ќе и помогне на нашата ќерка. Сумата која што ја побараа на почеток изнесува 11.000 евра, кои ние за жал ги немаме. Им се понудивме да платиме на рати, да имаме време некако да собереме пари, но веднаш не одбија. Кај нас, во Македонија направивме многу испитувања, се обидовме со се, но за жал, нема подобрување. Токму затоа и дојдовме во Германија. Првин, планиравме јас да одам сама со Николија, за да ни биде трошокот помал, но на аеродромот ми се слоши, паднав во бессознание, па и сопругот реши да не придружува’’ – раскажува Наташа, мајката на Николија.

Таа вели дека со години се обидувале да станат родители со сопругот. Зад себе имала еден спонтан абортус, две вонматерични бремености, две неуспешни Ин Витро оплодувања. Кога на крај, останала бремена, дознала дека носи близнаци. Едното од близначињата го изгубила, но сепак била пресреќна кога ја добила Николија, близнакот борец.

,,Низ што се не поминавме. Николија е долго чекано и посакувано дете, и сега мораме да се соочиме и со оваа агонија. Животот на нашето дете моментално зависи од тие 11.000 евра. Не знаеме каде да се обратиме, наши роднини и пријатели се обидуваат да ни помогнат апелирајќи за помош и донации, но нам таа помош ни е потребна за најкраток можен временски рок, Николија нема време за чекање. Во среда имаме повторно закажано средба со лекари на клиника, ги разгледуваат сите документи и дијагнози кои ги имаме од Македонија. Но доколу не се соберат потребните средства, нема да ни помогнат и веќе во петок ќе мораме да се вратиме назад’’ – вели мајката.

Таа работела како комерцијалист во маркет, додека нејзиниот сопруг бил вработен како келнер во локално кафуле. Апелира до сите добри граѓани кои што можат да помогнат, да донираат на жиро сметките, или пак преку телефонската линија за донации. Иако исцрпена од случувањата и загрижена за животот на своето единствено дете, вели дека не ја напушта надежта, и верува дека чуда се случуваат, посебно кога луѓето ќе си подадат рака и ќе се сплотат во хуманоста.

Сите кои што се можност да донираат за спас на Николија, можат да го сторат тоа на жиро сметката 200001907750984, Трајче Динов, со назнака донација, или пак на телефонскиот број за донации VIP 143461.

Вики Клинчарова

Поврзани новости