Деца не учете право, бидете со министерот на здраво

by fokus

Ова што се случува деновиве со правосудниот испит на синот на Претседателот на Собрание и со именување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители е само уште еден доказ за принципите и начелата кои владеат во нашата држава, а особено во судството.

Пишува: Звонко Давидовиќ

Тоа се принципите на безаконие, самовластие, неодговорност, апашлук, корумпираност, недопирливост и лажливост. Доктрината по која се раководат носителите на функциите е приграби што повеќе можеш за себе и семејството, а ако те фатат прави се недоветен и задолжително декларирај се дека си припадник на националноста без која нема Влада.

Ова што во мигот се прави, начинот на кој се практицира власта и одлуките и законските решенија кои се однесуваат на судството се криминални, хохштаплерски и срамни.

Само дилетант може да каже дека дискреционо право на министерот за правда е кога некому ќе дозволи порано полагање на правосудниот испит. Такво право министерот нема , а кршење на законските прописи и подзаконските акти со превземање на дејствие кое не смее да го преземе и со кое некому овозможува или прибавува некоја корист е класична злоупотреба на службената положба што претставува кривично дело.

Надлежните институции за гонење на сторители на кривични дела се должни да преземат мерки и да го испитаат целиот случај. Смешни се и идиотски оправдувањата дека во Министерството за правда не постојат документи затоа што такви документи има во Академијата, а потврдите за стаж кај оној што ги издал и заверил.

Впрочем, многу лесно се утврдува дали некој предвремено полагал испит со едноставно споредување на датумот на дипломирање и датумот на полагање на правосудниот испит.

Законското решение претседател на Судскиот совет да биде од редот на истакнати правници, а не од редот на судиите е трагикомично и без ниту една трошка логика. Ваквото решение кое беше заложба на тогашниот министер за правда и кое е шверцерски протуркано и без амин на работната група веќе ги покажува своите негативни ефекти и допрва ќе донесе големи проблеми.

Срамно е претседател на телото кое одлучува за именување, разрешување и напредување да биде некое си стручно соработниче кое е истакнат правник само за партијата која е на власт само заради роднинските, пријателските и бизнис релации со партиските функционери.

ИСТАКНАТ ПРАВНИК ИЛИ ПАРТИСКИ КАДАР?

Особено ваквото законско решение е безумно и срамно во ситуација кога терминот истакнат правник е маска за партиски кадар или симпатизер. Таквите предлози на истакнати правници дадени од Претседателот и Собранието само покажуваат колку е политиката навлезена во сите пори на општеството и колку е партискиот интерес поважен од интересот на државата.

Слична ситуација е и со предлагањето и изборот на судиите на Уставниот суд.

Не помалку се трагикомични предлозите и изборот на членовите на Управниот одбор на Академијата и лактањето за овие позиции, особено од членовите на Судскиот и обвинителскиот совет.

Наместо сериозно да се позанимаваат со работата на судскиот и обвинителскиот совет кои се постојано под удар на критика за состојбите во правосудството и без исклучок се посочувани како одговорни за состојбите и извор на проблемите во сите извештаи на експертите па и оној на европската комисија, истите се лактаат за уште некоја позиција, а не се кадарни ни онаа за која се именувани да ја извршуваат квалитетно.

Сево ова некако ме подсеќа на онаа Нушиќева песна „Два раба” заради која заврши во затвор поради критиката на лицемерието и глупавоста на тогашната кралска клика. Пораката која ја испрати Нушиќ со таа песна може да се примени и на денешните случувања.

Деца не се мачете залудно , шансите ви се слаби,
во Академијата избираат баби,
не трошете време на учење право,
тато правосудниот ќе го положи , со министерот е на здраво.

Поврзани новости