„Детективи на патот“, Проект на Карпош за ослободување на тротоарите од возила, користење велосипеди

by Fokus

Во рамки на проектот „Детективи на патот“ – Зелени стапалчиња денеска ученици од Општина Карпош остварија средба со градоначалникот на Општината Стефан Богоев, каде зборуваа за за обележување на пешачките премини, ослободување на тротоарите од возила, поголемо користење на велосипеди и електрични тротинети, засадување на ново зеленило, уредување на училишните дворови и нови детски игралишта.

Учениците на средбата споделија нови препораки и сугестии за надминување на проблемите, а Богоев им се заблагодари за споделеното и посочи дека тие навистина и помагаат на Општината, бидејќи локалната самоуправа е во период кога се креира Буџетот за 2020 година и граѓанското учество е важно за да се создаде буџет по потребите на сите граѓани во заедницата.

Извештајот од овој проект ќе биде презентиран и на Самитот за заштита на климатски промени на Обединети Нации, којшто оваа година, од 2 до 13 декември, ќе се одржи во Мадрид, Шпанија. Општина Карпош е единствената локална самоуправа од Северна Македонија, која ќе биде застапена со презентација на проект на овој самит.

Имено, врз основа на ланскиот извештај од проектот, е унапредена безбедноста пред сите основни училишта и Општината постапила по нивните насоки.

– Поставени се „лежечки полицајци“ пред училиштата: „Јан Амос Коменски“, „Димо Хаџи Димов“, „Вера Циривири Трена“ и „Братство“, а во тек е и поставување на вакви платформи и пред „Војдан Чернодрински“ и „Христијан Тодоровски Карпош“. Минатата година учениците предложија „Прашка“ да биде еднонасочна и овој предлог веќе е реализиран, откако општинските служби, Градот Скопје и СВР Скопје утврдија дека е возможно такво сообраќајно решение. Од оваа учебна година, пред сите училишта има и задолжени лица за регулација на сообраќајот, со цел да се овозможи полесен пристап на младите до образовната установа, информираа од Општина Карпош.

Поврзани новости