Дете во количка кое сака театар, беше мотивација да се прилагоди штипскиот театар за лица со хендикеп!

by fokus

Народниот театар во Штип е најверојатно првата установа од овој тип во земјава која ја прилагоди својата сала за лица со физички хендикеп, кои се движат со помош на помагала. Веќе се обезбедени места за шест колички во првите редови пред бината, а наскоро во Домот на културата во Штип ќе бидат прилагодени 12 места, од каде лицата кои користат помагало за движење ќе можат да ги следат културните настани.

Директорот на Центарот за култура ,,Ацо Шопов”, Горан Трајков, за ,,Фокус” раскажува од каде потекнала идејата за овој чин, кој јавноста го поздрави од се срце.

-Многу добро знам со какви бариери се соочуваат лицата со попреченост кај нас, посебно оние на кои им се потребни физички помагала за да излезат до дома. Мојот другар има син кој е во количка, сме имале низа на ситуации кога детето било буквално исклучено или пак ставено на страна, поради неможноста да се смести со количката.
Не е проблемот само до пристапноста, односно до рампите, кои веќе ги има речиси во секоја институција. Преку рампата ќе влезе во објектот, но потоа доаѓа предизвикот, да се најде место каде ќе се смести со количката.
Значи, се случувало, и да влезе во некој објект, внатре најчесто детето било сместено на страна, а како и повеќето од нас, многу сака театар, сака да биде дел од настаните кои се актуелни во општината. Тие ситуации, на некој начин ни ги отворија очите дека овие лица се соочуваат со препреки кои лесно можат да се надминат, со малку труд и желба да им се излезе во пресрет.
Моравме да го промениме тоа, таа изолираност, лично сведочев на такви ситуации и не можев, а да не реагирам. Поради тоа, салата ја прилагодивме за лицата со колички да можат да уживаат во културните настани, да ги следат претставите, и со тоа да испратиме порака дека ова е рамноправно општество за сите, никој не може и не смее да биде изоставен – вели Трајков.

Појаснува дека и за лицата со оштетен слух е поставено ново озвучување и се анагжирани лица, односно тон мајстори, со цел да оди титлување во живо, со опис на звуци, за да и тие можат да ги следат настаните.

-Забележав дека во театарот не ни доаѓаат лица со оштетен слух и тоа искрено ме трогна. Разговарав со повеќе здруженија во кои членуваат лицата со оштетен слух, дојдовме со заедничко решение, па направивме прилагодување и во таа област во театарот. Уште работа има, овој проект ќе се надградува, ќе се усовршува, со цел сите да можат да ни доаѓаат на настани – вели директорот.

Вчера имале театарска претстава во Штип, а помеѓу посетителите имало и лице во инвалидска количка. Трајков вели дека радоста му била голема, што уште повеќе му влеало сигурност да продолжи со својата замисла, да се бори за првата на лицата со попреченост.

-Многу се израдува нашиот сограѓанин затоа што со количката можеше без проблем да влезе во салата и да се смести удобно, за да ја проследи претставата. По завршувањето на настанот, тој зрачеше од радост, а мене ми се наполни душата. Тоа се тие, за некого можеби гестови кои не бараат некој посебен труд, но некому многу му значат. Целиот објект на Театар Штип сега е и климатизиран, добро озвучен, со ширум отворени врати за сите љубители на театарските претстави – ни изјави Трајков.

Вики Клинчарова

Поврзани новости