Дете со постковид симптоми не може да добие снимка на срце, апаратите не работат

by Fokus

За преглед на кардиолог на Детската клиника се чека со недели, матичните лекари мака мачат со издавање приоритетни упати, дел од апаратите на Клиниката за радиологија не се во функција, па родителите се принудени да плаќаат високи суми во приватните клиники.

-Во денешно време ако немаш пари, немаш ни здравје. Побаравме слободен термин за преглед на кардиолог кај матичниот лекар, но ни рекоа дека засега во системот нема термин, но ќе ни јават кога ќе се појави. Навистина не можевме да чекаме, пред се поради фамилијарната анамнеза на кардиолошки болести, а најмногу и поради пост-ковид болките на кои се жалеше ќерката, затоа решивме прегледот да го направиме во една приватна клиника, раскажува за “Фокус” мајка на 16-годшно девојче.

Како што објаснува таа, цената на прегледот е прилично висока, но кога се работи за дете не се штеди. Според неа по прегледот препораката што ја дал кардиологот е да се направи снимање магнетна резонанса на срце, бидејќи некои од промените што ги предизвикува ковидот не се видливи на ехо. Тој исто така посочил дека таков апарат има само на Клиниката за радиологија.

– На оваа клиника ни рекоа дека апаратот не работи и дека не се знае ни точно кога ќе биде поправен, но и дури и да работат потребен е упат од лекар во државното здравство. Повторно отидовме кај матичниот лекар, но таму ни рекоа дека тие немаат дозвола да издадат упат за ова снимање, но ќе побараат термин за преглед кај кардиолог или интернист на некоја од клиниките бидејќи упат за снимањето издава само специјалист, без разлика што има лекарски извештај од приватен кардиолог, објаснува мајката.

Според неа, матичниот лекар рекол дека приоритетни упати за да може побрзо да се добие термин за нов преглед, во моментот системот не им дозволува да издаваат.

– Ние сме клиника која згрижува и дијагностицира пациенти до 14 години, но доколку се работи за итен случај дури и без упат ургентно ги примаме пациентие и над таа возраст, во случајот 16 години. Според нас термини има во јули, не е проблем да се почека една, две недели, во случајот веројатно е направен пропуст кај матичниот лекар при закажувањето. Исто така имаме пациенти кои доаѓаат и со приоритетни упати, велат од Клиниката за детски болести.

Од друга страна пак, од Министерството за здравство кратко одговорија дека термини за преглед кај кардиолог има, но не објаснија што се случува со апаратите на Клиниката за Радиологија, ниту пак кога ќе бидат ставени во функција.

-На Универзитетската Клиника за детски болести нема проблеми при закажување и вршење на кардиолошките преглед на децата. Без проблеми се реализираат прегледите преку Мој термин кој е во функција, по редукцијата која ја предизвика вирусот Ковид 19. Напоредно со прегледите кои се закажани преку Мој термин, непречено се прегледуваат деца и со приоритетни упати. При прегледите на децата, се преземаат сите превентивно- епидемиолошки мерки, дезинфекција по прегледот на секој пациент, проветрување, помагала за една употреба, задолжителна употреба на заштитна опрема против Ковид – велат од ресорното министерство.

С.Т.

Поврзани новости