Дескоска: Уредбите со законска сила може да регулираат мерки и по завршување на вонредната состојба

by Fokus

Стасуваат повеќе прашања во врска со времетраењето на уредбите. Уредбите со законска сила може да регулираат и дејствија кои би се презеле во рокови и по завршувањето на вонредната состојба, односно да регулираат мерки кои ќе имаат правно дејство и по завршување на вонредната состојба. Укажувам дека Уставниот суд веќе се изјасни за времетраењето на уредбите со законска сила, вели во статус на социјалните мрежи, министерката за правда Рената Дескоска.

-Одлучувајќи да ја отфрли иницијативата за Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, Уставниот суд оправдано прифати дека не е неуставно уредбите со законска сила да може да регулираат и дејствија кои би се презеле во рокови и по завршувањето на вонредната состојба, односно да регулираат мерки кои ќе имаат правно дејство и по завршување на вонредната состојба. Ваквиот став на Уставниот суд е особено значаен за многу од мерките кои беа преземени за справување, особено со економските последици од епидемијата со Ковид – 19, бидејќи е јасно дека е неопходно тие да имаат правно дејство и по завршување на вонредната состојба се до свикување на Собранието на Република Северна Македонија кое ќе може овие прашања да ги регулира со свои акти, објаснува таа.

Според неа исто така, со Решението „У.бр42/2020, Уставниот суд се изјасни и по однос на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес и одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста. Уставниот суд вели: „очигледно е дека продолжувањето на мандатот на членовите на Државната изборна комисија се протега на период по завршување на вонредната состојба, но тоа е во согласност со целта заради која е донесена оваа мерка – непречено спроведување на предвремените избори за пратеници по престанокот на вонредната состојба, поради што има свое оправдување кое нема основ уставно-правно да се проблематизира“.

-Продолженото времетраење на правното дејство на уредбите со законска сила и по завршувањето на вонредната состојба е во случаи кога со тие акти се уредува материја која е тесно поврзана со причината која предизвикала настанување на вонредната состојба и ако е соодветна мерката, како и ако уредбата со законска сила не „затвора“ некој правен однос настант пред прогласувањето на вонредната состојба. Мандатот на ДИК продолжува, матурантите може да бидат мирни – врз основа на уредбата ќе се запишат во септември на факултет без матурски испит, а оние кои примаат парична помош врз основа на уредба – ќе продолжат да ја примаат и понатаму, додава таа.

Поврзани новости