Дескоска: Со реформите ги поттикнуваме младите да бидат иновативни и да размислуваат

by fokus 11:31
11:31

Разликата меѓу следбеник и лидер е во иновативноста, рекол Стив Џобс. Вие денеска сте нашите иноватори, кои со своите истражувања и понудувате на Македонија нешто ново што можеме да го поддржиме и промовираме и со тоа си ја трасирате можноста и иднината утре да ве видиме како лидери, им порача министерката за образование и наука Рената Дескоска на учениците што денеска ги презентираа своите истражувачки проекти на вториот ден од финалето „Предизвик за млади истражувачи“.

Проектите се од областа на природните и техничките науки од ученици од 31 основно и 18 средни училишта од Македонија. Тие се селектирани од 98 апликации што стигнале на повикот „Предизвик за млади истражувачи“ на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Министерството за образование и наука, кој беше отворен три и пол месеци (30 ноември – 15 февруари). Тимовите од училиштата и денеска ги претставуваа проектите пред седумчлена стручна комисија,  а победниците ќе бидат прогласени на 9 јуни со забава во Градски парк.

- Advertisements -

На денешното претставување на втората половина (24) финалисти, Дескоска истакна дека не е доволно некој да има идеја, туку треба и да му се овозможи неа да ја реализира.

– Министерството за образование и наука со реформите што ги прави во наставните планови, всушност има замисла да им даде можност на младите, не само да учат на часовите, туку да ги стимулира да размислуваат, да бидат иновативни и да истражуваат. Практично, да се разбуди интересот кон нешто ново, а не само за она што е во учебниците, истакна Дескоска, додавајќи дека е задоволна што на патот на реформите имаат одлични партнери во наставниците и одѕив кај учениците. На учесниците во финалето таа им порача дека сите се победници, без оглед кој ќе ги добие наградите.

Министерката Дескоска и директорот на ФИТР Јован Деспотовски рекоа дека не очекувале толкав одѕив на повикот и дека размислуваат да го прошират фондот за награди.

– На почетокот бевме скептични и очекувањата беа од 15 до 20 проекти. А кога стигнаа 98 апликанти, настана проблем од друг аспект – како тоа ќе го организираме. Нашата намера е на сите да им дадеме можност да аплицираат. Не можеме сите да ги поканиме во финалето, но поканети за презентации се половина од нив. Ќе гледаме од проектите што ги видовме вчера и оние од денес да исфинансираме што е можно повеќе, иако тоа не е важно. Важно е дека сте тука, учествувате и сфаќате дека државата и институциите им нудат можности на младите и да се едуцираат, и да развиваат креативен и критички потенцијал и финансиски да бидат поддржани, додаде Деспотовски, соопштувајќи дека повторно ќе објават повик за нови ученички проекти.

Поврзани новости