Министерката за образование, Рената Дескоска истакна дека Ромите имаат обврска да го чуваат својот јазик, но дека државата има обврска да создава услови затоа што јазикот е суштински елемент на секоја култура и заедница.
– Република Македонија го препозна значењето на гаранитирањето на јазичните права на заедниците, бидејќи јазикот е обележје на припадност на една заедница, и обидот за негирање на јазичните права се знак за нетолеранција и обид за дискриминација. Тргнувајќи од ваквото сознание, Владата на Република Македонија промовира политика на општество еднакво за сите. Тоа опфаќа и гаранција за унапредување јазичните права на сите заедници кои живеат во РМ, вклучувајќи го и ромскиот јазик. Тоа значи градење на политика за употреба на јазиците која што ќе се заснова на принципите на толеранција и соживот, политика на промоција на јазичните права, политика која што нема да создава граници помеѓу луѓето и власта, ниту пак помеѓу луѓето кои што зборуваат различни јазици – изјави министерката Дескоска.
Таа истакна дека во образовниот систем на Република Македонија постои потреба од унапредување на изучувањето на ромскиот јазик, но дека исто така постојат и проблеми во остварување на ова право поради недостаток на соодветен наставен кадар.
– Проблемот со недостаток на наставен кадар се обидуваме да го надминеме со стипендирање на студенти Роми од јавните и приватните високообразовни инстутуции и универзитети, и со програми за туторство на студенти Роми – истакна Дескоска.