Дескоска одби да го образложи законот за да заштеди време, ВМРО-ДПМНЕ ја обвини дека бега од дебата

by fokus

Министерката за правда, Рената Дескоска на повикот на собранискиот спикер, Талат Џафери, не излезе на говорница за да го образложи предлог законот за јавнот обвинителство за да се скрати времето за негово донесување.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски ја обвини министерката дека бега од дебата и дека е срамно да не го образложи законот за кој постојано бара мнозинство. По негово барање, спобранискиот спикер, Талат Џафери побара пауза од еден час.

Веднаш потоа на Фејсбук се огласи министерката која порача дека намерата на ВМРО-ДПМНЕ е да опструира.

– Очигледно е дека дел од стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ е меѓу другото триесеттина од нив да се јават за реплики на мојот говор и тоа би значело дополнителни 2,5 до 3 часа со реплики и контрареплики. Затоа одлучивме ниту јас, ниту другите пријавени пратеници од СДСМ и коалицијата да не се јавуваме за збор, со што заштедуваме најмалку 8 часа дебата по нашите говори. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, самиот од говорницата свесно или несвесно призна дека најмалку месец дена веќе го објаснувам и бранам законот во јавност. Значи на сите им е јасно кои се последиците од овој закон, а најмногу на осомничените и обвинетите за криминал и корупција, па затоа е #паниката и ваквите бурни реакции на одредени политички партии. Кога не им успеа планот да го “трошат” времето со реплики на мојот говор и говорот на пратениците на власта, пробуваат да “купат” време со еден час пауза, напиша Дескоска.

Поврзани новости