Дескоска од Куманово им порача на учениците да другаруваат без оглед на националноста

by fokus

Министерката за образование, Рената Дескоска, за време на посетата на општинските училишта во Куманово на првиот училиштен ден, одговорајќи на новинарско прашање за преименувањето на училиштата во Општина Чаир, рече дека образованието со соочува со далеку посериозни проблеми.

-Тој проблем не е на маса, наследивме многу посериозни проблеми. Училишта кои буквално се распаѓаат и кои биле запоставени од МОН и од градоначалниците. Има наставни програми кои се проблематични и ситуации кои бараат итно делување – изјави Дескоска.

Таа до учениците од различни етнички заедници испрати порака на соживот и другарување.

-Проблемите ги има насекаде, и во оние каде наставата се одвива на македонски и во оние каде наставата се одвива на албански наставен јазик. Од Куманово ја испраќам пораката дека соживотот, другарувањето меѓу учениците од различни етнички заедници е она што треба да биде усвоено како вредност во текот на образованиот процес – порача таа.

Дескоска посочи дека загрижува трендот на опаѓање на ученциите и бројот на деца во Македонија.

– За жал се забележува опаѓање на бројот на деца кои што се запишуваат и во средното образование и покрај тоа што е задолжително средното образование, што укажува на трендот кој што постоел на иселување на млади луѓе од Р.Македонија, семејства со деца во образовен процес. Се надеваме дека процесот на иселување на младите ќе запре. МОН ќе преземе реформи кои што ќе значат враќање на квалитетот на образование и правење на образовниот систем во Македонија атрактивен за учениците како би останале тука и би го продолжиле своето образование – изјави министерката.

Таа најави дека односот на Министерството за образование ќе биде ист кон сите училиште без разлика од која партија за градоначалниците на општините.

Поврзани новости