Дескоска: Мора да се најдат начини да се оневозможи електронско насилство

by fokus 12:24
12:24

Сите од нас секојдневно гледаме насилство врз детето во семејството, за кое ние едноставно си молчиме. Јас многу пати сум била сведок кога родител ќе го потчукне детето, ќе го потскубне, па дури и ќе го потклоцне и тоа се случува на јавни места, во училиштата и во градинките, истакна денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во обраќањето на денешната презентацијата на Студијата за институционални механизми за заштита на децата од насилство.

– Тоа не е екстремно насилство, но тоа е насилство што остава последици врз секое дете и на тоа треба да работиме. Сите ние заедно да ја покренеме јавната свест, свеста дека родителството не вклучува и насилство, дека родителството не е педагошка мерка, дека со насилството правиме штета на детето, но правиме и штета на целото општество затоа што со тоа создаваме насилна култура на однесување. И тоа треба да го спречиме, порача Царовска.

Информираше дека во МТСП спроведуваат процес на деинституционализација, односно рече дека ќе ги трансформираат сите институции до 2021 година.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нагласи дека МВР е една од институциите која, согласно своите законски надлежности и обврски, ја има позицијата директно да се соочува и справува со последиците од овој тежок облик на криминал.

Тој рече дека од 903 кривични дела на семејно насилство минатата година, во кои се евидентирани 976 жртви, жените се поголем дел или речиси две третини од регистрираните жртви. Евидентирани се над 90 деца жртви на семејно насилство.

– Од аспект на МВР, покрај постоечката законска регулатива на ниво на подзаконски акти како што се правилници дејствуваме врз основа на нормирани процедури и постапки како во областа на семејното насилство каде и децата се жртви, така и во делот на трудова експлоатација, трговија со луѓе, малолетничка деликвенција и слично, информираше Спасовски и додаде дека таквото превенирање е во интерес на заштита на жртвите.

Според него, проблемот на децата како жртви на насилство е рефлексија на многу социјални, економски, воспитни, образовни, културолошки, семејни и други чинители за која, како што рече, и оваа Студија нуди јасна перцепција за сите аспекти на проблемот.

Образовниот систем, односно училиштата според министерката за образование и наука Рената Дескоска претставуваат исклучително важен дел во процесот на препознавање и пријавување на случаите на насилство, злоупотреба и занемарување на деца.

-МОН во соработка со УНИЦЕФ изминатиов период работеше на практичен прирачник за превенција и интервенција на насилство во училиштата во финална фаза се последните интервенции. Овој прирачник верувам дека ќе ја одреди и олесни улогата на училиштето во постапките за препознавање и пријавување на случаите на насилство, злоупотреба и занемарување на децата, истакна Дескоска.

Министерката потенцираше дека физичкото насилство е највидливо, но исто толку присутни и погубни се и сите други форми на насилство како емоционалното насилство, булингот, сексуалното вознемирување и друго. Според неа, лузните кои не се гледаат се најтешки да се излечат во текот на животот, а поедноставно е да се изгради здрава детска личност отколку да се попрва возрасен човек. Дескоска порача дека возрасните имаат одговорност да ги следат и да учат за развојот на современите технологии во процесот на комуникација и нагласи дека за тоа е потребно да се изградат начини што ќе оневозможуваат појави на т.н. електронско насилство.

Министерот за здравство Венко Филипче во однос на насилството врз децата рече дека здравствените работници се едни од првите кои се соочуваат со жртвите на семејно насилство, пред се врз насилството врз децата.

-Многу често немаат капацитет да ги препознаат, ниту пак имаат поддршка од сериозни тимови, а на што сега во овој момент работиме поддршка од психолози кои ќе овозможат зголемување на капацитетот на докторските тимови во ургентните центри, меѓутоа и во клиниките и болниците да препознаат жртви на насилство, истакна Филипче.

Според раководителот на Секторот за соработка со ЕУ Никола Бертолини, статистичките податоци во Извештајот покажуваат дека состојбата е многу сериозна и дека има потреба од владина и институционална координација, а документот го нарече феномен што не е карактеристичен за едно општество. Бертолини рече дека овој документ дава битни опсервации и оценки на државниот механизам за одговор.

-Извештајот дава практични препораки за зајакнување на системот за заштита на детето, за подобрување на заштитата на децата  кои се жртви од сите форми на насилство во земјата, а Извештајот упатува и значајна порака до образовниот систем и секторот за спроведување на првото, истакна Бертолини.

Во Извештајот се препорачува дека е потребно да постојат конкретни дефинирани системи за управување со случаи во сите надлежни институции, фокусирајќи се на индивидуалните карактеристики на секој случај и индивидуалните потреби на секое дете кое е жртва на насилството. Меѓу другото се препорачува дека треба да има и развој на критериуми и воспоставување на специјализиран стандардизиран сервис за деца – жртви на насилството.

Поврзани новости