Дескоска: Фејкерите на чело со Милошоски се пуштени на најјако!

by fokus

Штом дојде на дневен ред Законот за јавно обвинителство очигледен е очајот и стравот на ВМРО-ДПМНЕ, поради што нивните фејкери на чело со Антонио Милошоски се пуштени на најјако, се јави со реакција министерката за правда, Рената Дескоска, по обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ во врска со правосудниот испит.

„Во септември минатата година е донесен нов Закон за правосуден испит, кој предвидува спроведување на усен испит по кривично право (кривично материјално и процесно право), граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право), трговско право, трудово право, уставно уредување на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, организација на правосуден систем и управно право и судир на закони и меѓународна правна помош. Предметите кои се предвидува да се полагаат се во согласност со програмите на земјите во регионов каде се спроведува правосуден испит од ист или сличен тип.

Програмата за испитите ја изготви Комисија составена од професори и судии кои ги подготвија испитните прашања, листата на прописите и правната литература. Задолжителен дел на испитот е познавање на прописите. Правосудниот испит се полага од Уставот и од законите и на него се бара знаење за примена на правните одредби.

Листата со правната литература е индикативна, доколку некој од кандидатите има потреба од дополнителни разјаснувања. На листата на правна литература се учебници кои се одобрени на правните факултети во Северна Македонија и меѓу нив се учебници напишани од професорите: Камбовски, Тупанчески, Лажетиќ, Калајџиев, Мисоски, Илиќ- Димоски, Арнаудовски, Груевска – Дракулевски, Родна Живковска, Тина Пржеска, Гале Галев, Јадранка Дабовиќ Анастасовска, Дејан Мицковиќ, Ангел Ристов, Арсен Јаневски, Татјана Зороска Камиловска, Поликсена Гравровска, Тони Дескоски, Саво Климовски, Гордана Силјановска-Давкова, Тања Каракамишева и други.

Овие учебници, најголем дел од кандидатите ги имаат од периодот на нивното студирање, но и да ги немаат ниеден кандидат не е обврзан да ги купи. А учебникот од Поликсена Гавровска и Тони Дескоски и да сака ниеден кандидат не може да го купи, бидејќи истиот е објавен во 2011 година и целиот тираж е исцрпен. Учебникот е коавторски, а едниот автор е починат. Авторите имаат дадено одобрение за фотокопирање на учебникот без авторски надомест и тоа го знае секој студент на правен факултет. Испитот по овој предмет е дел од програмата за правосудни испити во државите од регионот, а во Северна Македонија учебникот на проф. Поликсена Гарвровска и проф. Тони Дескоски е единствен одобрен учебник кој го обработува тековниот закон, по кој се учи на најдобро рангираниот правен факултет кај нас. Ако ВМРО-ДПМНЕ и особено Антонио Милошоски има забелешка на стручноста на проф. д-р Тони Дескоски, ги повикувам истото јавно да го кажат, а не да измислуваат афери таму каде што ги нема.

Им порачувам на ВМРО-ДПМНЕ и на Антонио Милошоски, да се посветат на подготовка на амандмани на Законот за јавно обвинителство, ако мислат дека има потреба да се прават измени на текстот. Само така ќе покажат дека се спремни да го остават зад себе времето на “моќници”, на “нарачани лустрации и прогони” и да ги стават интересите на евроинтеграцијата пред личните интереси на обвиниетите и осомничените криминалци од нивните редови“ се вели во реакцијата на Дескоска.

Поврзани новости