Дескоска: Ако немаме согласност за квалитетен закон за ЈО, подобро е да не се носи

by Fokus

Ако немаме согласност за квалитетен закон за јавно обвинителство, подобро е да не се носи отколку да се носи закон само заради закон, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска одговарајќи на новинарско прашање во врска со законот за ЈО.

– Законот за јавно обвинителство не наиде на согласност на соодветни решенија. Со оглед на тоа што веќе е обезбеден трансферот на предметите на СЈО беспредметно е носење на закон за јавно обвинителство којшто би бил со полош квалитет од постојниот, така што тоа го разговаравме и на денешната средба со комесарката Јурова разговаравме за таа тема, и ги објаснив аргументите, изјави Дескоска на маргините на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, организиран под покровителство на Финското претседателство со ЕУ, што се одржува денеска и утре во Скопје.

Мислам дека сите сме согласни, истакна Дескоска, дека сите што се експертска јавност и оние коишто се залагаат за градење на соодветен правен систем дека законот за јавно обвинителство не треба да го гледаме само како заокружена обврска, туку таа обврска треба да биде и квалитетно завршена.

-Ако немаме согласност за квалитетен закон подобро е да не се носи отколку да се носи закон само заради закон, додаде министерката за правда.

На прашање во врска со двајцата нови бегалци од предметот „Детонатор“, Дескоска упати на судовите коишто одлучиле за нивното пуштање.

-Кога станува збор за луѓе коишто се пуштени од издржување на затворска казна тоа се прави врз основа на судска одлука. Така што, најсоодветно е прашањата кои се однесуваат зошто некое лице било пуштено а потоа не било вратено, која била проценката да се упатат е на судовите, оние коишто одлучиле за нивното пуштање, истакна Дескоска.

Поврзани новости