Десетгодишната ќерка на жената од Демир Капија која вчера бараше помош е позитивна на вирусот

by Fokus

Десетгодишната ќерка на жената од Демир Капија, која вчера преку ,,Фокус” апелираше за помош околу транспорт до центарот каде ќе и биде земен брис за Ковид 19, е позитивна на вирусот.

Веста ни ја потврди демиркапијката, која ни изјави дека покрај нејзината ќерка, позитивни биле и резултатите на нејзината баба, како и на сопругата на нејзиниот брат.

-Денес стигнаа резултатите, позитивни се ќерка ми, баба ми и снаата. Мене со возило од ЈЗУ Кавадарци ме однесоа во Центарот за јавно здравје, каде ми беше земен брис, а потоа ме вратија назад. Благодарна сум на редакцијата на ,,Фокус” која го објави мојот апел вчера, како и на министерството за здравство, кое веднаш реагираше и го надминавме проблемот – ни изјави К.В.

Вчера таа апелираше за превоз до центарот, каде ќе и биде земен брис, бидејќи матичната лекарка и такси компаниите од општината не и излегле во пресрет. Жената, чии родители се позитивни на вирусот и се на лекување во болницата во Велес, спаѓа во ризичните групи бидејќи има дијабет, асма и висок притисок. Пројавиле и симптоми на вирусот.

Нејзината десетгодишна ќерка, како што ни изјави, 15 дена имала покачена температура и била тестирана во петокот, но резултатите до вчера не биле готови. По објавениот апел, министерот за здравство Венко Филипче веднаш реагираше и беше ангажирано возило од ЈЗУ Кавадарци кое и ја пружи потребната услуга на жената.

Денес од Центар за јавно здравје исто така ја потврдија веста дека има три нови случаеви на корона вирус во Демир Капија.

-Девојчето и младата жена остануваат на домашно лекување, додека повозрасната жена е сместена на инфективно одделение во болницата во Велес . Земени се брисови од уште пет лица, се прават анкети, со цел да се утврди уште колку лица треба да бидат тестирани – информираат од центарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости