Денот кога одделението за култура при општина Велес ја заборави победата над фашизмот

by Fokus

Навистина не знам дали некој од најнеспособното одделение за култура (општествени дејности) на светот – она во Општина Велес, барем малку се зацрвенел од срамот што и го нанесе на општината, но знам дека одговорност МОРА ДА ИМА !

Пишува Игор СМИЛЕВ,  член на Советот на општина Велес од редовите на Левица

Срамот е опасна категорија. Толку уникатна и непредвидлива. Кога ќе помислиш дека нема поголем од претходниот, веќе наредниот ти покажува дека и дното има дно, а тешкиот резил тежнее и инспирира нов и потежок!

Маските се одамна паднати, а граѓаните допрва ќе го гледаат бесчувствителното лице на своите раководители, кои водејќи не од пораз во резил, секојдневно ни покажуваат дека за до дното, се уште има место.

„Патриотите“ од ДПМНЕ и „државотворците“ од СДС на деветти мај годинава, потврдија дека се иста дупка од големата шуплина и застанаа рамо до рамо, едни до други за подобро да ја видиме нивната неспособност и срам што до вчера ни го продаваа како светла иднина.

Деветти Мај, денот на победата над фашизмот, општина Велес го прослави работно, правејќи го она што најдобро знае да го прави – Да не работи ! Толку од грандиозните спотови на ДПМНЕ во кои Претседавачот на Советот Зоран Љутков ни ветуваше култура 365 дена во годината.

Толку од гласните најави на Градоначалникот Марко Колев за Велес во кој велешани ќе се гордеат со својот град. Толку од најавите на социјалдемократскиот сојуз на нашата земја, за бетонскиот идентитет што никој не може да го оспори. И едните и другите, верувале или не го заборавија денот на победата над фашизмот 9- ти мај.

ПО СЕДУМ ДЕЦЕНИИ, ДЕЛЕГАЦИЈА НЕ ПОЛОЖИ ЦВЕЌЕ ЗА ПАДНАТИТЕ БОРЦИ

Основата на нашата државност како земја членка на антихитлеровската коалиција, денот темелник на слободна Македонија и денот за кој стотици велешани и дваесет и четири илјади Македонци го дадода својот живот.

За прв пат по повеќе од седум децении, во Велес немаше ниту општинска, ниту партиска делегација да положи цвеќе на спомен костурницата на паднатите борци во Велес.

Ние, членовите на Левица, за жал бевме единствените кои го почувствувавме туѓиот срам во смртната тишина на спомен костурницата. Немо ги оставивме букетите со цвеќиња, се поклонивме пред хероите и заминавме. Заминавме, за да го раскажуваме  најтешкиот срам што го доживеа Велес од ослободувањето до денес.

Градоначалникот Колев изјави дека тоа било пропуст на одделението за култура (оштествени дејности ) во општина Велес. Претседавачот Љутков кој воедно е и културен работник не рече ништо. Марјанчо Николов , првиот човек на советничката група на СДСМ исто така молчи. Сите молчат затоа што за прв пат пред велешани покажаа како е да се заборавиш себе си !

Навистина не знам дали некој од најнеспособното одделение за култура (општествени дејности) на светот – она во Општина Велес, барем малку се зацрвенел од срамот што и го нанесе на општината, но знам дека одговорност МОРА ДА ИМА !

Нема да дозволиме пајажината да се нафати врз очите на нашите предци и врз гордоста на Велес!

 

 

 

Поврзани новости