Денеска ќе се разговара за специјалниот обвинител

by Фокус

Партиските групи кои работат на спроведувањето на договорот од Пржино за надминување на политичката криза во Македонија денеска на дневен ред ќе го имаат прашањето за специјалниот јавен обвинител, кој ќе има надлежност да ги истражи случаите „Прислушување“ и „Пуч“.

Тој треба да биде избран најдоцна до 15 септември. Питер Ван Хојте кој е олеснувач во разговорите меѓу партиските работни групи, по вчерашната петчасовна средба изјави дека бил постигнат сериозен напредок за изборниот законик.

„Техничките детали треба да ги разработат техничарите, но за политичкиот договор сме многу блиску до солиден договор за сите проблеми“, појасни Ван Хојте.

Работната група е блиску до конечно решение само за начинот на прочистување на Избирачкиот список и за составот на Државната изборна комисија. Избирачкиот список ќе се ревидира со активно регистрирање на гласачите и со теренска проверка. Останува уште партиите да се согласат по прашањето дали регистрацијата би била задолжителна или не. Државната изборна комисија наместо досегашните седум члена, ќе има девет и тоа три члена да предлага власта, три опозицијата, а тројца да бидат независни експерти.

На повидок нема договор за гласањето на дијаспората. ВМРО-ДПМНЕ инсистира тоа да се спроведува како и досега, односно дијаспората да добие тројца пратеници во Собранието. На ова се противи СДСМ, која смета дека на овој начин доаѓа до нееднаквост на гласовите, бидејќи пратеник во изборните единици се станува и со 600 гласа. Опозициската партија предлага гласовите од дијаспората да се претопат со оние од Македонија, со што сите гласови би имале еднаква тежина.

И по вчерашната средба, продолжи праксата претставниците на политичките партии да не даваат изјави за тоа што се разговарало.

Поврзани новости