Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) во рамки на преговарачкиот процес со медијација, денеска од 13.30 часот ќе има средба со претставници на Министерството за труд и социјална политика, а од 16 часот се очекува и средба со Министерството за образование и наука, потврди за МИА претседателот на Синдикатот, Јаким Неделков.
Претходната средба на синдикалците со МОН беше во петокот, кога се преговараше за колективните договори во основно и средно образование, а со МТСП средба имаа во четвртокот кога двете страни разговараа за формирање работна група за нов колективен договор за предучилишните установи, зашто важноста на актуелниот истекува со јуни.
За денеска со МОН се очекува да се разговара и за процентот за зголемување на платите.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири денеска изјави дека ќе направат напори да се постигне договор бидејќи вторите десет дена од рокот за решавање на спорот со медијација завршуваат утре или задутре.
– Ние ќе направиме напори денеска да се постигне договор зашто за многу теми од разговорот сме дојдени блиску до решение на проблемот. Во текот на денот да најдеме решение заедно со помирувачот и двете страни кои сме во преговори да ги прифатиме препораките кои ќе дојдат од страна на помирувачот, рече Шаќири, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето договор за грант со Банката за развој при Советот за реконструкција на 30 спортски сали во основни и средни училишта.
Преговорачките средби на Синдикатот со двете министерства се одржуваат во рамки на дополнителниот десетдневен рок за помирување, откако на 8 мај истече периодот од првите десет дена за мирно решавање на спорот со медијатор.