Денешниот вмровец има и свое мислење, ама често не се согласува со него!

by Фокус

Текстот е објавен на први октомври 2010 во неделникот „Фокус“ во број 796

Пишувал
Ване ЦВЕТАНОВ

За времето на сталинизмот во Русија, некој од идеолозите на партијата добил наредба да подготви предавање за стотина високи партиски функционери на одредена тема. На предавањето човекот зборувал, презентирал теории, ставови, мислења… повеќе од три часа.

На крајот, кога завршил, прашал дали има некој што сака да додаде нешто или да даде свое мислење? Сите молчеле. Предавачот по втор пат прашал, но никој не се јавил. Тогаш тој му се обратил на еден слушател од првиот ред: Вие, другар, имате ли нешто да додадете на моето предавање? Човекот станал и кажал  четири-пет реченици. Предавачот се зачудил, оти тоа веќе и самиот го кажал. Тогаш човекот кажал други три-четири реченици. Па и ова јас веќе го кажав, одговорил предавачот. Дали ти имаш сопствено мислење поразлично од сето она што јас го кажав? Човекот одговорил кратко: Да, имам свое мислење, ама не се согласувам со него!

ПРЕТХОДНИТЕ НЀ ЗАКОПАА, СЕГАШНИТЕ НИ СТАВИЈА И СПОМЕНИК!

Оваа анегдота отсликува состојби и менталитет од едно дамнешно, веќе заборавено време, време на кое нормалниот свет се исмејува. Но, кај нас ова време како допрва да доаѓа. Стравот од искажување на сопственото мислење е се поголем. Не е нормално, во 21 век луѓето да се плашат да го кажат сопственото мислење, или пак да ги забиваат главите во песок од најразлични причини!

Тажно е што млади луѓе, кои во моментов имаат одредена власт, влијание, моќ… бегаат од можноста да направат нешто. Бегаат од шансата да исправат многу работи. Гледаат и знаат за многу аномалии, но, се плашат да сугерираат, да укажат, а камоли да се спротивстават со сопствено мислење. Навистина е поразително, кога млади луѓе и денес се однесуваат како човекот во анегдотата.

Како последица од стравот да не му се згреши на „шефот“ се испуштаат можности да се кажат конструктивни предлози, не се пренесуваат реалните состојби, проблемите растат, а граѓаните набљудуваат и чекаат да дадат конечна оценка. Пред кампањата во 2006-та, постоеше силна апатија, разочараност, сивило, безнадежност кај луѓето. Главниот мотив во таа, како и во неколкуте следни кампањи, ни беше да промениме нешто, да го вратиме оптимизмот, да помогнеме на народот, да ја вратиме довербата во политичарите, бидејќи беше поразителна квалификацијата – СИТЕ СЕ ИСТИ!

Главниот мотив за влегување во политиката, во кампањи, ни беше токму да докажеме дека не се сите исти, дека има луѓе со искрен пристап кон политиката. Но, многу мои бивши сопартијци се заборавија, заборавија на идеите, ентузијазмот… Енергијата, која ја користеа за помош на луѓето, сега се повеќе ја пренасочуваат во угодувања и додворувања на шефот.

Го заборавија народот, ама народот ги нема заборавено. Дека и најобичниот човек знае да цени, ќе раскажам една случка, т.е. размислување на една бабичка. Пред неколку месеци, во еден град во источна Македонија, градоначалникот и неговиот возач тргнале на пат за Скопје. По пат ја виделе бабичкатта како чека превоз. Бидејќи лично го познавам градоначалникот и знам дека е добар и народен човек, очекувано ја зеле бабичката кон Скопје. По пат отвориле муабет, градоначалникот ја прашал, како се снаоѓаш со староста, бабо, како го живееш животот? Бабичката одговорила: Е, синко, синко, ако едни не закопаа живи до сега, овие ни направија и споменици!

После ова, останале неми до Скопје, бидејќи сите знаеле дека бабичката со една реченица кажала многу повеќе од некој демагошки разговор или предавање од три часа. Како и да е, токму на таков начин размислува и најголем дел од народот – искрено, чисто, кратко и јасно!

Наспроти него, застрашувачко е тоа што се случува во власта, жални се размислувањата на високи партиски и владини функционери. Да се бега од вистината, со цел да се задржи функцијата е крајно себично и некоректно.

Преку неколку конкретни примери од коментари и размислувања на млади луѓе, а високи партиски функционери, ќе се обидам да доловам дел од вистината. Верувам дека преку овие примери ќе успееме заеднички да дијагностицираме и да заклучиме до какво дереџе сме дојдени. Коментарите се во врска со мојата оставка. Преку коментарите, пак, сосе однесувањето на младиве политичари, ќе се обидам  да ја доловам вистинската слика за менталитетот на дел од нашиот народ, а особено на млади и перспективни луѓе кои се дел од власта!

ПРЕРАСКАЖУВАЧИ НА БАСНИ

Пример 1: Ќе почнам со најновите коментари на високи претставници од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, млади луѓе, со голем потенцијал, луѓе кои имаат одлична шанса да направат прогрес во општеството. Имено, во една пригода се отворила тема во врска со состојбите кои настанаа во управата за спречување на перење пари.

Коментарот бил, дека Ване Цветанов сакал да стави рака, односно, сакал да направи контрола на девизните приливи од нашите иселеници, и на тој начин да и наштети на економијата!? Прво, не е доблесно да се коментира материја која не ја познавате и да се црни некој без аргументи. Второ, многу понижувачко е нивото на реториката за видни партиски функционери. За некој со висока партиска функција, нормално е прво да прочита одредени закони, да се запознае подобро со одредена материја, па подоцна да коментира во чаршијата!

Пример 2: Вториот коментар е од многу близок мој пријател, директор на државна институција. Неговиот коментар бил, дека да бил на мое место, односно, да го снашла истата судбина, тој ќе молчел од причина што не било коректно да се плука по довчерашниот лидер.

Ова немаше да го земам предвид, да беше некој друг директор во прашање. Но, со овој мој бивш колега, уште пред две години со денови сме правеле анализа на политиките, сме имале идентични ставови околу аномалиите во политиките на Груевски. Целосно се согласувавме околу сите перверзии во политиката за кои јас денес пишувам!

Пример 3: Исто така ме изненадува и ставот односно коментарот на еден многу висок партиски функционер, на кого цела година сум му посочувал за многу аномалии во партијата и во владата, а особено за немањето волја за борба против криминалот и сериозните мои сомненија за вмешаности во тешки афери на високи функционери.

Овој човек многу добро знаеше за што зборувам и исто така беше свесен дека работите не се сјајни. Но, на прашање, што се случи со Ване, неговиот коментар бил: Јас на Ване му велев да молчи, но тој не молчеше и сега што и да му се случува е негов проблем!

Е, сега, да се обидеме да извлечеме заклучок, каде сме и каква иднина имаме ако не се смени нешто во умовите и срцата на овие млади луѓе? Ќе се обидам да дадам коментар на сите ставови, еден по еден, во надеж дека барем нешто ќе допре до нив, и би се смениле барем малку нивните погледи кон политиката. Можеби ќе почнат да ја перцепираат политиката поискрено, пореално, и би престанале да гледаат само чист себичен интерес!

Коментар 1: За ставот на претставници на раководството на ОК Струмица, треба да потсетам дека бев еден од малкуте функционери каде секогаш имаа отворена врата. Исто така, многу добро знаат и за натчовечките напори за еден важен за нив предмет. Случај со расветлување на една многу матна приватизација, од која сѐ уште кукаат и плачат огромен број граѓани.

Знаат дека за тој случај од позиција на директор направив премногу, но, работата заглави во една друга институција. Не само што никој не поведе постапка за потеклото на имотот на сопственикот на таа фирма, туку и констатираните 700.000 евра неплатен данок, заглавија во некоја друга институција. За истиот тој случај, пролетта на трибина во Струмица, претставник од акционерите побарал можност да се пожали и да презентира за предметот.

Премиерот сугерирал дека не е во ред да се зборува пред цела сала за тој предмет, и побарал писмен материјал. Луѓето биле подготвени, носеле материјали, и истите биле дадени лично и на човек од кабинетот на премиерот. После давањето на материјалите, јас лично се јавив во кабинетот на премиерот и сам се понудив да помогнам да се расветли случајот, бидејќи знаев и како, и каде треба да се „одглави“. Ми рекоа дека ќе ме побараат, но, тоа никогаш не се случи.

Сево ова го спомнувам од причина што и овој случај е еден од триесетината за кои ме снајде состојбата и бев ставен во многу проблеми. Но, со струмичкиот пример, наместо благодарност за максималниот напор, добив квалификација на државен предавник!?

Не верувам дека овие млади луѓе немаат капацитет и интелигенција да ги сфатат овие работи, и дека поверувале дека сум сакал или сум можел да ги сопрам девизните приливи од нашите иселеници. Верувам дека на некое предавање или во некоја пригода, некој ја кажал таа басна, а тие мора да ја прераскажуваат. Искрено очекував многу поголем интегритет од страна на овие луѓе, и многу посилен ангажман околу одбраната на правдата и интересите на своите граѓани. Тие имаат многу силен противник, но, со сервилна политика кон Скопје нема ништо да постигнат!

Колумната ми беше скоро веќе напишана кога се случија поплавите во Струмица. Ден после поплавите, раководството на струмичкиот комитет на  ВМРО-ДПМНЕ излезе со критика против градоначалникот Заев. Демек, требало да инвестира во одводни канали, а не во плоштадот кој го прави. Градоначалникот врати експресно, дека проект за атмосферска канализација бил почнат уште во владата на Бучковски, и дека сумата за проектот била околу 1,3 милиони евра.

До доаѓањето на Груевски на власт биле инвестирани 800.000 евра, а сега за четири години владата немала дадено ниту денар за проектот кој со уште 500.000 евра ќе ја спаси Струмица од поплави. Потоа следуваше контра-реакција, дека пари биле дадени, ама Заев ги пренаменил! Пресови, контра-пресови, од кои јасно се виде дека општинскиот комитет дозволи несреќата на Струмичани да се стави во функција на централата во Скопје за остварување на дневнополитички цели!

ИМАШ ПРАВО, АМА – МОЛЧИ СИ!?

Со настапот на општинскиот комитет, за жал, само се потврди мојата теза дека луѓето таму се грижат само да угодат на партиските интереси, а не на интересите на граѓаните. За жал, така никогаш нема да го победат Заев. Од нив се очекува да прават притисоци во владата за решавање на проблемите на своите граѓани, да лобираат за проекти, да се борат за интересите на своите граѓани. Но, тие веројатно се борат за сопствени интереси, и главната цел е како да се додворат на било кого во Скопје!

Коментар 2: За ставот на мојот пријател директор може многу да се каже и да се анализира. Првата веројатност е дека тој човек неколку години ме провоцирал и кодошел. Втората веројатност е дека тој човек е себичен и дека заборавил на сите голготи и местенки низ кои поминав, и очекува тукутака да заборавам и простам. Трета веројатност е дека политиката ја гледа како чист интерес, и дека нему му е важна функцијата, а не и идеалите.

Не знам како може да се помири со совеста, знаејќи толку многу игри, гадости и подли политики од страна на владата и на врвот на партијата!? Сепак, во едно се согласувам со него – лојалноста е многу важна особина и треба да се цени. Меѓутоа, лојалноста треба да биде двострана.

Не можете да бидете лојален на лидер кој ќе ве втурне во борба против криминал, против сериозни мафијашки структури, ќе ве вовлече да се замерите со сите директори на банки, со сите останати финансиски институции, со сите криминогени структури во државата, да си навлечете еден куп непријатели, сѐ во интерес на бранење на националните интереси, што бездруго е нормална работа за таква функција. Но, кога човек влегува во битка од која знае дека ќе излезе со еден куп непријатели, несомнено треба да биде заштитен од државата. А, не, наместо заштитен, да бидете наместен, искомпромитиран и фрлен како употребен презерватив!

Знаејќи за оваа состојба, не знам како пријателот стигна до заклучокот дека јас треба да бидам коректен!? Треба тој да се запраша, дали планира сѐ уште да молчи, знаејќи за сите состојби, за некои работи подобро и од мене? Нека се праша, каде ќе живеат неговите деца, ако сега не направи ништо за да смени барем малку од грдата слика која и тој ја гледа? Нека се праша, како ќе се правда кога ќе го осудат токму неговите деца дека бил на функција и имал можност да промени нешто во овие историски моменти, но тој се криел и молчел?!

Коментар 3: Високиот функционер од партијата ја кажува вистината за една работа. Во моменти кога му укажував, посочував, кога го информирав за многу работи, ми велеше да се стрпам. Многупати го информирав дека смислено се работи на уривање на системот за борба против криминал, дека одредени луѓе веќе се влезени во шеми, дека станува страшно, дека парите го добиваат главниот предзнак во политиката, дека треба да се реагира за да се спаси нешто! Точно е, ми велеше да молчам. Но, за втората работа, дека сега јас имам проблем, не се согласувам.

Јас немам проблем, јас имам чиста совест. Проблем нема ни тој, но, ќе има. Ќе има кога ќе излезе на терен и кога ќе треба да се соочи со народот. Освен прашањата од другите кампањи, ќе има многу прашања и за сегашни афери, неправди… Ќе мора да одговори што направил тој лично за да смени нешто? А знаел!

Човекот ќе мора да си одговори, колку е христијански да си на висока позиција, да земаш на одговорност илјадници луѓе, да знаеш за многу афери, интриги, местенки, подлости… и сето тоа да го сфаќаш како нормална работа во политиката? Ако за него тоа е политиката, тогаш едно големо – аферим!

Кога почнав да ги пишувам колумните, блиски пријатели ми даваа најразлични совети. Едни ме советуваа да пишувам за пријатни и убави нешта, за да му се допаднам на народот. Втори ме советуваа да не напаѓам никого, за да не си создавам непријатели и да не ме замразеле премногу луѓе. Трети ме советуваа да пишувам само против Груевски и Протоѓер, за да не се замерам со цела партија.

Прво, сакам да им се заблагодарам на сите за добронамерните совети и убавите намери кон мене. Меѓутоа, сакам да појаснам дека не се одлучив да пишувам колумни за да се додворувам некому. Причината за пишувањето на колумни е да се искаже мислењето по определена проблематика, и тоа без влакна на јазикот.

Земјава ни е окупирана од луѓе кои се плашат, кои имаат резерва, калкулираат, чекаат некакви моменти, собираат во себе, трпат, стискаат заби… Немам намера да го кријам сопственото мислење, немам намера да го следам примерот на другарот од почетокот на колумната!

Сепак, се надевам дека доаѓа процес на будење, доаѓа процес на отворање на срцата. Доаѓа време кога моите драги и сакани пријатели ќе сфатат дека треба да сменат нешто кај себе, но, само во една насока: Да бидат искрени. Само толку. Тие се доволно паметни и интелигентни и одлично ја знаат вистината за грдата слика во моментов.

Треба само да ги отворат своите срца и да почнат јавно, се разбира онаму каде што треба, да говорат за она што го мислат и што го чувствуваат. Знаеме дека тоа е потешкиот пат, но, тоа е единствениот пат по кој можеме да направиме нешто за нашите деца, за идните генерации. Зарем тоа не е нашата примарна обврска?

Поврзани новости