Ден по пожарите во Грција: На спасени близначки им се губи трага, татко влегол во огнената стихија за да си го спаси синот

by fokus

Катастрофалните пожари во Грција, освен жртви, повредени и исчезнати, оставија зад себе и трагични судбини на луѓе кои не знаат каде се нивните најблиски. Дали се живи и загубени или се на листата загинати. Фактот што голем дел од пронајдените безживотни тела се јагленосани, дополнително го отежнува процесот на идентификација на жртвите, пишува МИА.

Оние за кои над 24 часа немаат ни трага ни глас од нивните најблиски, упатуваат апели, повици за помош преку социјалните мрежи и преку грчките медиуми, а се поинтензивно ја користат и неофицијалната база на податоци, онлајн платформата за исчезнати лица, каде што бројот на исчезнати, како што вчера попладне објави МИА изнесуваше 23 лица, сега се зголеми на 34.

Противпожарната служба на Грција уште од вчера упати повик до граѓаните на нивниот број да ги пријавуваат исчезнатите, а се уште не е соопштен точниот број на луѓе на кои им се губи секаква трага.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, точниот број на исчезнати е се уште не познат бидејќи не е завршена акцијата на спасувачките екипи за проверка на сите домови, куќи, станови, хотели, автомобили зафатени од пожарот.

Спасени 9-годишни близначки од пожарот, но им се губи трага

Од рано утрово, татко на две 9-годишни близначки, преку грчките медиуми бара помош за пронаоѓање на неговите ќерки. Девојчињата биле со бабата и дедото во населбата зафатена од пожарот и им се губи на сите секаква трага.

Родителите пријавиле во полиција, во противпожарната служба, ги посетиле сите болници, дале ДНК примерок за идентификација, во случај девојчињата да се меѓу загинатите.

Таткото на близначките, за грчката телевизија Скај, вели дека за неговите родители нема никаква информација, а сосема случајно на телевизија, во прилог за спасувачката акција по море, во еден од чамците ги видел неговите ќерки.

Од телевизијата, со посредство на полицијата, до таткото било доставен примерок од видеото, на кое тој вели дека со сигурност се неговите ќерки. Меѓутоа, сега, никој не знае каде се девојчињата. Заедно со група граѓани, биле спасени од една од плажите и со брод пренесени до пристаништето Рафина.

– Она што ме загрижува е што никој не нѐ извести. Ако се случило најлошото и моите родители се мртви, а девојчињата се спасени, никој не нѐ известил дали некој ги згрижил и каде. Затоа што јасно се гледа дека во чамецот се сами, вели таткото на 9-годишните близначки за грчката телевизија Скај.

Доктор не ги послушал наредбите на пожарникарите, но ги спасил неговите најблиски

Со среќен крај завршил обидот на грчкиот доктор- гинеколог Јоанис Калогиру да ги спаси неговите синови и сестрата на неговата сопруга, што нашле засолниште во еден од хотелите во областа што гореше и покрај наредбата од пожарникарите дека е премногу ризично.

– Кога од противпожарната служба ми рекоа не одете, ќе изгорите, не ги послушав и влегов во пожарот, насекаде гореа куќи, а лево и десно изгорени автомобили, но кога 7 годишниот син на телефон ми велеше, тато се гушам, реков одам, ако умре син ми, за мене животот нема да има никаква смисла. Можеби направив глупост, но успеав, раскажа гинекологот на неговиот Фејсбук профил и додава дека делот околу хотелот бил зафатен од пожарот, немало ниту струја, ниту вентилација, а чадот бил присутен и во внатрешноста.

Ги пронашол неговите најблиски, новородениот син и 7 годишниот, заедно со сестрата на неговата сопруга и ги извадил од огнените јазици.

Голем е бројот на трагични судбини кога цели семејства изгореле во пожарот, членови на едно исто семејство се спасиле, други загинале, но и семејства кои „направиле грешка и лоша проценка“ што ги напуштиле домовите, влегле во автомобилите за да побегнат, но ги зафатиле огнените јазици, додека пак домовите не претрпеле никаква шета, ниту биле зафатени од пожарот.

Поврзани новости