Ден Дончев: Падот на Груевски е сигурен, ВМРО за Македонија е клучот за новата влада

by fokus

Убеден дека за десетина дена огромниот гнев кај македонскиот електорат ќе му пресуди на режимот на Никола Груевски, Ден Дончев, носител на кандидатската листа за ИЕ 1 верува дека без Коалицијата ВМРО за Македонија не ќе може да се формира новата влада.

Дончев, и е познат на јавноста и по објавувањето на аферата за продажбата на „Македонска банка“ и исплатата на 1, 5 милиони евра во кеш. Неговиот глас беше препознаен во аудио снимките од прислушуван разговор при посредувањето меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и контроверзниот српски бизнисмeн Јовица  Стефановиќ-Нини.

Ден Дончев,
поранешниот генерален секретар на ВМРО – ДПМНЕ, екс директор на македонскиот телеком во интервју за „Фокус“ ги открива причините поради кои бил принуден да ја напушти Македонија, разочаран од сознанието за „монструозноста на власта“, но зборува и за мотивите да се врати во земјата и да влезе во изборната битка. 

ДОНЧЕВ:  ВМРО – ДПМНЕ ми е влезено во душата. Во партијата се вклучив уште во далечната 1997 година. Бев учесник како шеф во изборниот штаб во историската победа во 1998 година, која ги донесе вистинските демократски промени во Македонија, после падот на Југославија. Долго време потоа бев активен во политичкиот живот во Македонија. После моето откривање на потенцијалниот корупциски скандал околу набавката на автобуси преку тендер на Министерството за транспорт и врски долго време бев изложен на психолошки, финасиски притисоци. Многу пати бев повикуван во УЈП, буквално ми ја проценуваа целата имотна состојба, потеклото на имот итн. Две години бев под константен притисок. По апсењето на Љубе Бошкоски, осетив опасност, имав информација дека јас сум потенцијален таргет. И како татко на три малолетни деца, морам да признаам дека ме фати страв за моето семејство и за мојата иднина. Одлучив да заминам во Австралија.

Лажиран сведокот против Бошкоски

Дончев, тврди дека човекот со кој Бошкоски седел во ресторанот „Воденица“ во Скопје пред да биде уапсен и кој наводно е заштитениот сведок не е лицето кое  сведочело против лидерот на Обединети за Македонија во случајот „Кампања“.

Шефот на изборниот штаб на ВМРО за Македонија Ден Дончев во продолжение за „Фокус“ детално раскажува средба со наводниот заштитен сведок на Бошкоски, која се случила во Солун.

(Сведочењето од средбата, поради автентичноста на исказот, го пренесуваме во разговорна форма.)

ДОНЧЕВ: Во април 2012 година како консултант на една меѓународна фирма се најдов во Солун каде што имаше преговори со деловни партнери. Престојував во еден хотел, се сеќавам, беше топол априлски ден. Одеднаш, гледам еден човек кој ми дојде некако познат. Тој тргна кон мене, сфатив кој е човекот, нема да го именувам, но прво што прашав беше:

„Добро човек, како можеше да му го направиш тоа на Љубе Бошкоски“ ?

Што направив?, ми рече.

„Па нели ти беше заштитениот сведок, ти му ги даде парите на Бошкоски нели?
Тогаш, ме праша : Сигурен ли си дека јас му ги дадов парите?

„ Му велам, како да не, па ти сведочеше нели, во судот?

„Ден, дента кога беше апсен Бошкоски четворица алфи ме фатија и ме однесоа во куќата во Скопје, ми дадоа саат време да си ги соберам личните работи и со полициска придружба ме однесоа до граница кон Грција, ме префрлија од другата страна и ми рекоа – „никогаш повеќе да не се враќам“, ми рече човекот.

 Судењето на Бошкоски беше во октомври кога беше осуден на пет години затвор.

„Сакате да кажете дека вие не сведочевте против Бошкоски?

„ Најдете ми еден доказ , едно писмо, или каков било документ дека јас бев присутен во судот тој ден“, ми одговори тој.

ДОНЧЕВ: Тогаш, ми станаа јасни две работи -дека заштитениот сведок не сведочел и дека е платен некој човек да сведочи. Во неговите очи видов искрена тага, ме замоли да и пренесам на Виолета Бошкоска тоа што се случило. Најискрено, поверував дека навистина тој ден човекот не се појавил во судот. Ако крунскиот сведок не се појавил, правно гледано нема дело против Бошкоски. Во тој момент судијата бил должен да го отфрли предметот бидејќи вистинскиот крунски сведок не се појавил да сведочи. Тогаш, ми стана јасна со какви монструми си имаме работа и дека тоа што му се случи на човек како Бошкоски може да му се случи на секого.

1536696_10153358983549565_2122632225590386040_n

 

 Должни сме да кренеме глас против режимот

Додека за „Фокус“ ги раскажува овие драматични моменти од средбата со наводниот заштитен сведок во Солун, Дончев потсетува и на познатата изјава на Мартин Ниемулер ( Martin Niemoeller), протестански свештеник кој го критикувал неуспехот на Германците да го кренат својот глас против нацистите.

 ДОНЧЕВ: Во потсвеста ми дојде познатата реченица на Мартин Ниемулер – „Прво дојдоа по комунистите, но јас молчев бидејќи не бев комунист, а потоа дојдоа по социјалистите и синдикалците, јас не проговорив против тоа бидејќи не бев ни едното, ни другото. Потоа дојдоа по Евреите…. И на крај дојдоа по мене, но немаше кој да крене глас во моја одбрана.“ Тогаш сатив дека некој е должен да крене глас против овој режим, зошто, никој не заслужува да биде лишен од слобода на неправеден и неправичен начин. Слободата е најскапоценото нешто што Господ ни го дал, и никој нема право да ни ја земе. Тука некаде е мојот мотив, зошто сакам мојата земја, во која поминав повеќе од половина од мојот живот, да стане демократска, праведна и правична, за доброто на сите граѓани.

   ФОКУС: Вие ја напуштивте земјата пред да биде разголено владеењето на Груевски и, како што велите, монструозноста на овој режим. Велите дека сте биле под константен притисок. Кој, всушност ви се закануваше ?

ДОНЧЕВ: Заканувачот немаше име и презиме. Бев под константeн притисок на УЈП , а тоа беше по налог на некој од врхушката на владејачката партија.

  За падобранците и лицемерието на ВМРО – ДПМНЕ

 ФОКУС: Неодамна изразивте жалење што старите кадри на ВМРО – ДПМНЕ се уште се жртви во прангите на Груевски ?

ДОНЧЕВ: Тоа е феноменот на Никола Груевски. Тој досега успеа да ги задржи и старите структури и членови од деведесетите години. Во меѓувреме налетаа многу падобранци од типот на Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Пешевски, Ставрески... во раководните структури кои никогаш не беа ВМРО – ДПМНЕ. Напротив беа се освен ВМРО. Потоа налетаа новинарските лаечки кучиња од типот на Мирка Велиновска и Латас чии комунистички биографии се општо познати. Трето, створија една бизнис елита како ликовите Орце Камчев, Алек Тера Нова, Минчо Јорданов, Страшо Ангелковски, Сеад Кочан кои исто така не биле ВМРО. Имаме парадокс каде што клучните раководители во ДПМНЕ партијата не се од ВМРО, никогаш и не биле ВМРО, а се поддржани од старото членство на ВМРО. Лицемерно ДПМНЕ се повикува на тоа дека работи за обичниот граѓанин, а всушност се една класична бизнис елита која згора на се не произлегува од редовите на ВМРО – ДПМНЕ.

 ФОКУС: Колку старите, односно изворните кадри на ВМРО – ДПМНЕ ја препознаваат Вашата Коалиција ВМРО за Македонија, како политичка сила која ќе донесе демократија и слобода, нормален живот за граѓаните ?  

 ДОНЧЕВ: Одејќи по терен препознавам ликови кои беа со нас на локалните избори во 1996 година, на парламентарните во 1998 и во 2002 година. Апсолутно, структурата што денес е со ВМРО за Македонија е таа изворна вмровска структура која беше со ВМРО – ДПМНЕ од 1991 до 2002 година, а кои беа маргинализирани, изолирани, а во некои случаи и целосно тргнати настрана по доаѓањето на Никола Груевски во 2006 година. Затоа, верувам дека тие ќе препознаат  дека ние сме тоа изворно ВМРО, кое беше со нив во тие клучни моменти на создавањето на Република Македонија во 1991 година, па натаму.

 Економски мерки против реалната мизерија

ФОКУС: Адут на ВМРО за Македонија е економската програма. Познато е дека Вие сте креаторот, но кои мерки сметате дека треба да бидат приоритет на новата влада?   

ДОНЧЕВ: Прво, се враќаме на изворните принципи на ВМРО – на  демократијата. Сметаме дека демократијата не е само слобода на говор, на мислење, демократијата е систем, кој овозможува економски напредок. Неслучајно во битката помеѓи комунизмот и капитализмот, кој во основата ја има демократијата, се покажа поефикасен поради тоа. Улогата на државата е да создаде рамноправни правила на игра за сите учесници на пазарот. И само така, и тогаш, ќе се создадат услови претприемачите да работат успешно, чесните и трудољубиви поединци , бизнисмени, семејни фирми да работат без закани, уцени, без глоби, без казни, без притисоци да создадат вредност. Ние сметаме дека поединецот најмногу знае да создаде вредност за себе и за своето семејство, доколку работи во транспарентни, рамноправни услови. И тоа не е голема тајна, не е големо откритие, само бара Влада која е посветена на тие принципи. Знаеме, дека големи фирми во Македонија кога ќе станат успешни, одеднаш им тропа некој од власта, бидејќи виделе дека постои бизнис модел, и  со закани, уцени и притисоци, или ги рекетираат, или со насилен начин влегуваат во нивниот бизнис и стануваат сопственици. Каде е мотивацијата тука на тие вредни поединци да создадат економска вредност не само за себе, туку и за сите други? Во голем број случаи тие се принудени на насилен начин да продадат, а во некои случаи и да заминат од Македонија. Прво и основно, за да зборуваме за успешна економија, мора да се вратиме на овие основни демократски принципи кои се темел на една успешна економија. 

 ФОКУС: Со какви конкретни мерки ќе се борите против реалната мизерија во земјава. НБМ деновиве објави податоци според кои 36 илјади фирми биле блокирани, а дури 76 илјади граѓани. Можни ли се калкулациите што ги слушаме во изборната кампања за просечна македонска  плата од 500 евра?          

ДОНЧЕВ: Јас зборувам за макро рамката која е предуслов за сите микро бизниси. За нас макро рамката е првиот чекор што ќе треба да се направи. Ако зборуваме за микро мерки, прво  во буџетот кој стана 4 милијарди евра, апсолутно има огромен износ на дискрециони трошоци, кој оваа власт ги користи за неефикасни инвестиции, за небулозни проекти чија цел во некој случај е егоистички – за да некој лик биде запамтен после 500 години. Ние може да зборуваме за Скопје 2014 дека е изградено, многу е и украдено, но факт е дека е изградено. Кога зборувате како економист при одделување на средства за дискрециони расходи, па и капитални инвестиции, прво и единствено прашање кое добар домаќин, министер за финасии и  премиерот треба да си го постават е дали оваа инвестиција ќе има поврат. Ако јас позајмувам пари од европските банки, со камата од пет посто, и ако  вложувам во нешто што создава нова вредност, односно ако бизнис планот ми проектира дека ќе ми врати назад шест или над шест отсто, тогаш сум направил добра зделка за целата држава, тоа е министерот за финасии и премиерот. Но, ако позајмам пари и ги вложам во проекти кои имаат под пет осто, во најголем број случаи, на пример во Скопје 2014 повратот на инвестицијата е нула отсто, тоа е карактеристика  на деспотска држава и деспотски лидер. И никој разумен бизнисмен или поединец не би позајмил пари за да вложи во нешто што ќе му врати под камаптната стапка. Тоа се случува во Македонија – првиот чекор е дека мора да ги скратиме тие дискрециони небулозни  проекти. Тогаш, ќе видиме дека буџетот има голем износ кој може да се насочи кон продуктивни проекти кон инфраструктура, кон нови енергетски објекти. Ние увезуваме преку 1, 5 милијарда евра во струја во последните десет години. За тие пари можевме да изградиме капацитети за производство на струја со 800 до 900 мегавати, да извршиме супституција на извозот со домашно производство. Тоа е првиот чекор, како држава мора да се насочиме кон намалување на увозот. Треба да се направи сериозна реконструкција на структурата на  македонската економија, во текот на наредните години. Се што може да го произведуваме дома, а не да сме зависници од увоз. Тоа е првиот економски чекор што треба да го направиме. Моментално, трговскиот дефицит изнесува околу 1, 8 милијарди евра на годишно ниво кое се покрива со кредити или трансфери од дијаспората. Не е лесен зафатот, но не е изводлив , бара посветеност.

14910372_10154273996974565_1982521951559773551_n   

   ФОКУС: Што покажува вашата интерна изборна математики, но и  расположението на граѓаните на терен во однос на ВМРО за Македонија на 11 декември?

 ДОНЧЕВ: Има една изрека која вели дека единстевна валидна анкета е анкетата на денот на избори. Сепак,  анкетите би требало да дадат една блиска слика за тоа што ќе се случува на денот на изборите. Меѓутоа, како што покажа, изборот на Доналд Трамп, понекогаш и најсофистицираните земји на светот не успеваат да го преоктираат точниот исход на изборите, бидејќи немаше ниедна анкета во САД што предвидуваше дека Доналд Трамп ќе победи на тој начин. Тоа покажа дека во американското општество имало многу гнев кој не бил рефлетиран во анкетите. А, тој на денот на изборите се рефлектираше со тоа што просечниот исход во руралните средини неколку изборни циклуси кој изнесувал од 50 – 60 отсто постигна до 85 осто. Јас сум убеден дека постои огромен гнев кај голем дел од македонскиот електорат и тој е тој гнев кој ќе го порази Никола Груевски. Падот на Груевски е сигурен, тука нема дилеми. Единствено прашање  е каков ќе биде односот на силите. Јас сум убеден дека ВМРО за Македонија ќе биде фактор без кој не ќе може да се направи идната македонска влада. 

Стојанка Митреска

Поврзани новости