Демонстрантите во Истанбул петта ноќ по ред протестираат против апсењето на градоначалникот Имамоглу

by Fokus

Турскиот опозициски политичар Екрем Имамоглу, градоначалник на Истанбул и еден од најголемите противници на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, е привремено суспендиран од функцијата откако во недела му беше одреден притвор во очекување на судењето, соопшти турското Министерство за внатрешни работи.

Имамоглу, кој се соочува со обвиненија за корупција, беше уапсен во средата, што предизвика бран масовни протести низ Турција.

Стотици илјади демонстранти излегоа на улиците на Истанбул петта ноќ по ред, и покрај забраната за собири воведена минатата недела.

Неговото апсење доаѓа во време кога требаше да биде именуван за официјален претседателски кандидат на Републиканската народна партија (ЦХП) на претстојните избори.

На внатрепартиските прелиминарни избори, 1,6 милиони од 1,7 милиони членови на ЦХП гласаа за Имамоглу, додека симболични гласања на солидарност беа одржани и низ целата земја.

Протестите против неговото апсење стануваат сè понасилни – полицијата употреби солзавец, гумени куршуми и водени топови, додека демонстрантите возвратија со фрлање камења и огномет. Странските медиуми јавуваат дека ова се најголемите протести во Турција во последните десет години.

Турскиот министер за внатрешни работи потврди дека во саботата вечерта поради немирите биле уапсени 323 лица.

Ситуацијата во земјата и понатаму е тензична, а опозицијата предупредува дека Имамоглу е жртва на политички прогон пред изборите.

Поврзани новости