Демократски форум: Избори за време на пандемија се неодговорен чин, над 30 луѓе ќе бидат во една просторија

by Фокус

Избори во Македонија пред официјалниот крај на корона вирусот не се возможни, сметаат од невладината организација Демократски форум.

„Во Македонија има околу 3000 избирачки места. Во секое избирачко место има 10 члена изборна комисија составена од вработени во државната администрација. Тоа се 30.000 луѓе кои мораат да учествуваат во изборниот процес. Ако има 15 изборни листи, тоа значи и 15 во една смена, или 30 во две партиски контролори присутни на избирачкото место. Тоа се дополнителни 45.000 или 90.000 луѓе. На избирачките места се присутни и набљудувачи од ОБСЕ, Цивил, Мост и други невладини организации. И тие се не помалку од 10.000. Тоа ќе каже дека во една училница од 50-тина метри квадратни ќе бидат присутни по најмалку 25-30 луѓе во исто време, без избирачите“, велат од Демократски форум.

Од таму посочуваат дека постои можност да се изнајде законска можност за продолжување на функционирањето на техничката Влада се до стабилизирање на ситуацијата со корона вирусот и надминување на опасноста од негово ширење.

„Организирањето на избори при се уште активна пандемија е крајно неодговорен чин, бидејќи граѓаните непотребно се изложуваат на опасност од зараза и ризикуваат вирусот да го пренесат и на блиските. Сметаме дека политичките фактори треба да ги надминат теснопартиските интереси и заеднички да се договорат околу тајмингот на изборите, односно да се договорат дека тие треба да се одржат веднаш штом пандемијата ќе биде завршена и опасноста од ширење на вирусот ќе биде сведена на нула. Секое друго решение или потег е чист егзибиционизам и коцкање со здравјето на граѓаните, кое треба да е врвен приоритет“, велат од ДФ.

Поврзани новости