Демократите завршија со изнесување докази: Трамп повикувал на упад во Конгресот

by Fokus

Демократите во Претставничкиот дом завршија со дводневното изнесување на докази во судскиот процес за импичмент на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека лицата кои упаднале во Конгресот на 6 јануари верувале дека ги следат „претседателските наредби“ за спречување на верификацијата на победата на демократот Џо Бајден.

Тие сметаат дека упадот во Капитол Хил бил смртоносна кулминација на ширењето лажна и насилна реторика на Трамп, која ќе продолжи да и причинува штета на американската политика доколку не биде казнета, пишува Гласот на Америка.

Третиот ден од судењето обвинителите изнесуваа и свои лични приказни за стравот и насилството со кои се соочиле тој ден, а како доказ се прикажани и јавни, експлицитни упатства кои Трамп им ги давал на своите приврзаници, како во периодот пред нападот, така и во својот говор одржан истиот ден, по што луѓето се упатиле кон Конгресот.

На прикажаните видео снимки, од кои некои биле објавени на социјалните медиуми од самите учесници во насилствата, тие зборуваат како „го прават сето тоа за Трамп“.

– Сите луѓе кои се уапсени и против кои е покренато обвинение по немирите, мораат да одговораат за своите постапки. Нивниот лидер Доналд Трамп, човекот кои ги поттикна, исто така мора да одговара, изјави Дајана Дегет, една од поддржувачите на импичментот.

За време на нејзиното излагање биле пуштени неколку снимки, на кои се слушаат гласови на демонстрантите кои извикуваат дека Трамп ги повикал до зградата на Капитол Хил.

Конгресменот од Мериленд, Џејми Раскин укажа дека Доналд Трамп го охрабрувал и одобрувал насилството на демонстрантите и во некои претходни случаи.

Адвокатите на Трамп ќе почнат денеска да изнесуваат аргументи, а судењето би можело да заврши до крајот на викендот.

За да биде Трамп осуден во Сенатот поради поттикнување бунт, потребно е таквата одлука да биде потврдена со двотретинско мнозинство од вкупно 100 членови. Во Горниот дом на Конгресот и демократите и републиканците имаат по 50 места. Доколку се случи Трамп да биде отповикан, тоа би значело дека тој не би можел повеќе да се кандидира за некоја јавна функција.

Процесот во Сенатот кој се води против Доналд Трамп, американската јавност го смета за историски од најмалку две причини: ниту еден американски претседател не бил двапати отповикуван во Претставничкиот дом и на ниту еден поранешен шеф на државата никогаш не му било судено во Горниот дом на Контресот (Сенат).

Поврзани новости