Пелоси повика на итно разрешување на Трамп: Тој е опасен за Американците

by fokus

Ненси Пелоси, која пред неколку дена беше избрана за уште еден мандат за претседател на Претставничкиот дом на САД, повика на итно разрешување на претседателот на државата, Доналд Трамп.

Таа се сврте кон потпретседателот Мајк Пенс и го повика да го активира 25-от амандман на Уставот, што предвидува, меѓу другото, што да се прави ако претседателот не е во можност да ги исполни своите должности.

Во овој случај, се зема предвид тој да биде прогласен за ментално нестабилен, неспособен и опасен за државата.

– Трамп е многу опасна личност за Американците и американската демократија и не треба да продолжи да биде и понатаму на функцијата, нагласи Пелоси еден ден по упадот на демонстранти приврзаници на Трамп на Капитол, при што загинаа четири лица.

– Доколку потпретседателот не го преземе тој чекор, Конгресот е подготвен да поведе постапка за импичмент, додаде таа.

– Вчера, претседателот на САД поттикна вооружен бунт против американската влада. Упадот во Капитол е дамка засекогаш во историјата на нашата земја, додаде Пелоси.

Пенс не може сам да го отстрани Трамп, повикувајќи се на Уставот, и му треба заедничка одлука на неколку клучни министри во кабинетот.

Ако претседателот е жив, но е прогласен за неспособен за управување, власта преминува на потпретседателот. Пенс нема да биде претседател, туку само в.д. и ќе дејствува се до враќањето на функцијата на новиот претседател. Овој дел од 25-от амандман никогаш не бил користен. Се решава со одлука на потпретседателот и мнозинството (најмалку 8) од точно дефинирани 15 министри. Доколку во рок од 4 дена оваа група не го прогласи претседателот за неспособен, овластувањата му се враќаат целосно на претседателот.

Меѓутоа, доколку има таква втора декларација, Сенатот и Претставничкиот дом треба да одлучат во рок од 21 ден со гласови од најмалку две третини од нивните членови дека претседателот не е во можност да ја преземе функцијата и неговиот заменик ќе биде на функција до крајот на мандатот.

Ако Пенс е исто така неспособен, Уставот ја пренесува моќта на претседателот на Долниот дом. Во овој случај, тоа е Ненси Пелоси од Демократската партија.

До 20 јануари, новоизбраниот претседател Џо Бајден ќе ја преземе функцијата, односно за помалку од две недели.

Поврзани новости