Демири: Очекувам ослободителна пресуда

by fokus

Јавното обвинителство денеска побара отштета од неверојатни 8 500 евра, само од Мариглен Демири, член на Левица и еден од стотиците демонстранти кои беа на протестите на 13 април минатата година, по повод претседателските помилувања на 56 државни функционери, политичари и нивни соработници.

Обвинителството го товари Демири за учество во толпа и демолирање на народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов. Тој пак, пред судот се изјасни за невин, а во изјава за „Фокус” вели дека има доволно докази да го докаже тоа.

-Јас лично очекувам ослободителна пресуда, земајќи го предвид фактот дека ниту сумата, ниту проценката, ниту пак обвинението за коешто ме теретат се сторени или се вештачени на начин на кој може да се процени вистинската висина на штетата. Со еден збор, невин сум, тоа ќе го докажам и за тоа имам доволно докази и сведоци – вели Демири.

Инаку, денеска беше трето рочиште за случајот против Демири, а претходните две беа одложувани, бидејќи државното правобранителство не можеше да ја процени штетата. Наредното рочиште е закажано за 14 март каде обвинителството ќе треба да ги презентира доказите и сведоците во прилог на обвинението.

Oсвен Демири, судски процес за учество на протестите се води и против други членови од Левица – Здравко Савески и Владимир Куновски. Од партијата ова го оценија како политички прогон на нивните членови.

Ирена Каревска

Поврзани новости