Делков, славењето заврши, работата носи фалби, но и критики

by Fokus 09:00
09:00

Новиот градоначалник на Неготино, Тони Делков од СДСМ на својот Фејсбук профил ја демантира својата изјава дадена за порталот ,,Фокус’’ во која вели дека апсолутно се согласува како мерката воведена од неговиот претходник Ванчо Апостолов од ВМРО ДПМНЕ, за субвенционирање со 500 евра на ергени над 40 години, кои стапуваат во брак е дискриминирачка кон жените, на кои не им следуваат субвенции по истата  основа, и дека таа неправда кон понежниот пол ќе биде исправена.

,,Сакам да го демантирам порталот ,,Фокус’’ за мојата наводна изјава поврзана со субвенционирањето на жени над  40 години. Мојата изјава е во насока на дискриминирање на жените од страна на поранешниот градоначалник, но не сум изјавил дека таа мерка ќе продолжи и во иднина, ниту дека ќе давам нови субвенции. Општина Неготино е презадолжена, тоа наскоро ќе го објавиме и секоја мерка која што ќе ја предложам мора да биде издржлива и ќе биде јавно од мене лично соопштена’’ – појаснил тој на својот Фејсбук профил.

- Advertisements -

Како мало потсетување, изјавата на Делков, објавена во ,,Фокус’’ е следната – ,,Без дилема се согласувам дека истите мерки за поттикнување на бракови кај повозрасни лица треба да важат за припадниците на машкиот, но и за припадничките на женскиот пол. Планираме да направиме измени во овој дел, затоа што сите сме еднакви и нема потреби од вакви родови поделби. Но она што е загрижувачко во моментот, а кое што го согледав откако дојдов на функција, е податокот дека своите субвенции со месеци не ги добиле ниту ергените кои што стапиле во брак, ниту пак лицата кои што добиле новороденчиња, како што беше предвидено во програмата на мојот претходник. Работиме на решавање на овој проблем во најбрз можен рок’’.

Сето ова предизвикува нејаснотии кај јавноста, посебно кај оние кои што лично се засегнати со овие субвенции, а за кои што Делков во телефонскиот разговор јасно ни кажа – Мал е бројот на тие што аплицираат за овие субвенции, така да мислам дека нема да има проблем и за повозрасните жени кои стапуваат во брак. Ме загрижува тоа што досега не им биле исплатени субвенициите на оние кои добиле новороденчиња, но и на повозрасните ергени кои стапиле во брак, но ќе се потрудиме сите тие да бидат исплатени.

Што е тоа што направи Делков да демантира и да се послужи со изреката – Пу, пу, не важи? Дали се тоа негативните коментари на социјалните мрежи по повод оваа неславна мерка, која за волја на вистината, и него му е на некој начин наметната од неговиот претходник, па тој ниту крив ни должен, сакајќи да постапи фер и во интерес на двете страни, односно и кон ергените и момите, на крај излезе како некој по кого тргна лавината од критики?

Како автор на сторијата, која се најде во центар на вниманието изминативе денови, сакам да му порачам на Делков дека ова е само почеток, и како во тек на неговиот четири годишен мандат разбирливо е дека ќе биде и фален, но и критикуван. Јасно ми е дека е нов на оваа функција, потребно му е време и искуство, кое верувам дека ќе го стекне, без при тоа да носи избрзани одлуки и да реагира во афект. Се прашувам дали, доколку неговата изјава беше дочекана со одобрување и пофалби, исто ќе демантираше и тоа токму на неговиот Фејсбук профил? Оти еден од најугледните медиуми во етерот, секако дека е несериозно да се демантира на Фејсбук, туку со издржани тврдења и аргументи тоа се прави на истиот каде се објавила веста. И да, тоа се прави веднаш по објавата, која му беше доставена истиот момент кога се објави, а не по неколку часа, откако ќе се сумира дека веста предизвикала низа од негативни критики на социјалните мрежи.

Овој демант повлекува уште многу прашања на кои граѓаните заслужуваат одговори. Дали тоа значи дека сепак, дискриминацијата ќе ја снема, и ергените и момите ќе бидат со ист третман, односно никому нема да следуваат субвенции? И дали, она што ги засега поголемиот број на граѓани, ќе бидат укинати и субвенциите за новороденчиња, поради презадолженоста на општината? Оти тоа дефинитивно не е она што граѓаните кои гласаа за Делков сакаат да го слушнат. Остварување на сите ветувања кон граѓаните за подобар и поквалитетен живот и изнаоѓање на решенија за актуелните проблеми е она што се очекува од новата владејачка гарнитура, а не образложенија за презадолженост.

Изјавите во стилот – Кажав, не кажав, не се доискажав, не бев сфатен, грешно бев пренесен – нека останат како дел од владеењето на Ѓорѓе Иванов и не смеат да станат пракса и на новите функционери.

А кога веќе се актуелизираа субвенциите за женидба, како мало потсетување, околу тоа колку се тие непотребни и дискриминирачки, не само кон жените, туку и кон мажите, и како се една апсолутно неефикасна мерка за поттик на наталитетот, пишував уште пред три години, а сторијата беше објавена на насловната страница на тогашниот дневен весник ,,Вест’’. Но тогаш, ниту некој од владеачката ВМРО ДПМНЕ, како нивна мерка, се осмели да ги критикува, ниту пак некој од тогашната опозиција СДСМ ги актуелизираше. Веста се протна како нешто сосема прифатливо во 21 век. Не знам дали во меѓувреме се разбудила свеста и проработила етиката кај народот, што е за поздрав, доколку е така.

Кога сме кај будење, се надевам дека новоизбраните функционери веќе се доволно будни и свесни дека помина времето за славење и треба да се фатат за работа. Оти по обајвата на текстовите, како се прославила победата, на ред се оние текстови во кои се пишува и како се носат со своите нови обврски и должности кон граѓаните.

Како што и повеќето од нив кажуваат, затекнале лоши состојби и презадолженост на општините. Мнозинството од граѓаните се свесни за тоа, и токму поради вашите ветувања дека ќе се изборите со тие состојби и ќе донесете подобар живот, ви беше дадена довербата. Не си играјте со неа.

Вики Клинчарова

 

 

Поврзани новости